Тргнаа навредите: Таравари се интересирал само за бизниси

ВМРО-ДПМНЕ демантираше дека веѓе се разговарало „за било каква размена на министерства или ресори, или за тоа кој ќе го превземе Министерството за здравство“, Според портпаролот Валентин Манасиевски, тоа воопшто не е вистина. Околу Тарвари пак имаа што да кажат на линија на она што го прават кон сите во опозицијата.
„Од активни учесници во Владата може да се дознае дека господинот Арбен Таравари навистина бил активен учесник на состаноци. Но, на тие состаноци, господинот Таравари никогаш не разговарал за Законот за јазици, никогаш не разговарал за законско регулирање на балансерот. Не зборувал ниту некогаш некој го слушнал да зборува за ЕУ интеграциите, дека се блокирани поради наследениот спор со Бугарија, создаден токму од оние во чии прегратки сега оди.
Но, знаеме дека се интересирал за концесионерот на паркинзи на Клинички центар ‘Ѓока’, затоа што е исфрлен од игра. Живо се интересирал за господинот Артан Груби, за господинот Зоран Заев и за нивните бизниси и за важни прашања за ДУИ. Не може некој да смета дека може да биде дел од Владата, а притоа да седи во прегратките на криминалот СДС и ДУИ. Тоа е нашето ветување пред граѓаните“, порача Манасиевски.
Од СДСМ изнесоа сличен став – дека за неполна година оваа Влада почнува да се распаѓа затоа што е составена само за да задоволи лични апетити.
„Коалицијата полека се ситни, затоа што нема ни причина да постои – ништо не ја држи заедно освен функциите. Граѓаните немаат никаква добивка од оваа власт. Сведоци сме на катастрофални економски резултати, нула реформи, распад на институции и понижување на државата на меѓународна сцена. Мицкоски е премиер без насока – ја води државата како да е приватна компанија, фокусирана само на тоа кој каде ќе се вдоми и што ќе земе. Владата не ја води со визија и храброст, туку со калкулантски однос за секое важно прашање. Јасно е дека нема лидерство и одлучност во оваа Влада.
Нема ни трага од ветената ефикасност. Народот живее сè потешко, цените растат, платите тапкаат во место, а Владата троши милиони за луксуз и гоштевања. Додека работниците молат за повисока минимална плата, народните пари одат на папаја, манго, бејби-биф, октоподи. Додека граѓаните се борат да преживеат месец за месец, Владата живее на висока нога, како да сме во економски бум.
На локално ниво, состојбата е уште пострашна. Општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ се расадници на корупција. Градоначалниците се фокусирани на местење тендери, не на решавање на проблемите. Улици не се поправаат, училишта пропаѓаат, а јавните услуги се во хаос. Граѓаните се оставени сами, системот е глув и слеп за реалните проблеми.
Партнерите си заминуваат а граѓаните се во апатија затоа што гледаат дека оваа влада нема капацитет. Никој не треба да биде соучесник на пропаѓањето на државата во провалија кон која не води Мицкоски. Сите што остануваат со Мицкоски се дел од истиот проблем. Свесно ја поддржуваат штетната насока и ја носат истата одговорност. Ова е Влада без систем, без план, без резултати. Единствено што функционира во оваа влада се личните интереси.
Но, државата не може да се води така. Граѓаните не можат вечно да трпат заради туѓи договори, туѓи сметки и туѓи амбиции. Ова е момент за соочување со политичката вистина: Македонија нема време за експерименти, нема простор за играње држава. Потребна ни е функционална, одговорна и сериозна власт“, порачаа од опозициската партија.