Тревога кај тутунарите, расадот им остана по леите поради дождовите
Дождот што паѓа во Пелагонија на земјоделците им го однесе од нивите и тоа што го посадиле
БИТОЛА – Дождот ги одлага роковите за расадување на тутунот, се жалат пелагониските тутунари.
Врнежливото време и влажната пролет оваа година не им оди во прилог на тутунарите, расадот им остана по леите непосаден, а на оние што влегоа во нивите да садат, силните и поројни дождови им направија штети. Вчера околу 16 часот силен пороен дожд го погоди регионот на Пелагонија, па тутунарите се жалат дека и посаденото плива во вода и кал и ќе мора да ги пресадуваат нивите онаму каде водата не може да се исцеди и тутунот е во влага и скапува.
Марјанчо Цветкоски (39) тутунар и еден од покрупните земјоделци од прилепско чии ниви се во атарот на селата Марул, Старо Лагово и Чумово, вели дека расадот им порасна во леите, а веќе неколку дена не можат да влезат со тракторите по нивите поради кал и голема влага.
„Денеска водата се повлекува од нивите, ама сѐ уште е калливо и тешко дека неколку дена ќе се влезе со механизација за да се сади тутунот. Град немаше ама за кратко време наврна многу дожд, ќе имаме штета онаму каде тутунот лежи во вода. Идеално време за садење на тутунот е во втората половина од мај, ама за жал не е и годинава, тие рокови се пробиени“, се жали Цветкоски, тутунопроизводител.
Добар дел од тутунарите во Пелагонија чекајќи да се подобрат временските услови велат дека кога тутунот брзо расте не е добро за квалитетот, зашто овој тутун е ситно лисен.
„Пет дена не може да се влезе во нивите, ако продолжи да врне ќе биде бетер. Расадот порасна колку да се обере прва рака, тоа не е добро“, велат тутунарите.

Петре Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци смета дека штетите кај тутунарите нема да бидат значителни бидејќи ќе настрада само тутунот кој е залиен со вода и ќе треба пресадување.
„Дождот оваа пролет од една страна ја олесни работата на тутунарите за речиси 40 проценти со тоа што при садењето не се мачат да наводнуваат, но од друга страна расадот порасна имаат проблеми онаму каде влагата е поголема па расадениот тутун е во вода. Засега е рано да се зборува за штети“, смета Стојкоски.
Од Асоцијацијата на земјоделци апелираат до откупувачите уште на почетокот на новата реколта да излезат со нови зголемени цени на тутунот по класи да ги стимулираат земјоделците да засадат тутун. Претседателот Стојкоски смета дека според производствените трошоци прва класа тутун треба да биде од сегашните 300 денари за кг. на 450 денари, втора класа од 240 да се покачи цената на 380 денари за килограм, а трета класа од 160 денари на 240 денари за кг. тутун.
„Како аоцијација бараме од откупните компании наместо да постапуваат нереално и како при последната реколта сиот тутун да го откупуваат во прва класа и да го плаќаат по 300 денар за кг. сега тутунот да го плаќаат и да го вреднуваат по класи, кој како заслужува според реална оценка. Тутунарите сакаат меѓу нив да има натпревар кој ќе произведе поубав тутун, а не изедначување. Што е најважно цената по класи да се покачи според производствените трошоци и тоа да биде поттик за земјоделците да посадат тутун на поголеми површини“, вели Стојкоски во изјава за „Независен“.