Третото издание на Галичник филм фестивал остави ѕвездена прашина за која уште долго ќе се зборува

Овој викенд сите патишта водеа кон Галичник. Три дена исполнети со внимателно одбрани филмови од различни жанрови, совршени за сечиј вкус.
Во фицијалната селекција 23 краткометражни филмови беа сместени во категориите – играни краткометражни филмови, документарни краткометражни филмови и анимирани краткометражни филмови. Во програмата беа филмови кои доаѓаа директно од „Cannes Film Festival“, „Oscars“, „Sundance“, IDFA, „Toronto International Film Festival“ и „Locarno Film Festival“. Токму во стариот амфитеатар на Упија, филмското платно и ѕвезденото небо направија ѕвездена прашина за која уште долго ќе се зборува.
Убедлив победник во неколку категории беше оскаровскиот филм „Бело Око“ кој зема награда за најдобар филм, најдобро сценарио и најдобар актер.
Како дел од жири комисијата оваа година беа актерот Никола Ристановски, режисерката и сценаристка Елеонора Вениновa и режисерот Георги М. Унковски, победник на минатогодишниот Галичник филм фестивал со филмот „Налепница.“
Како дел од Галичник филм фестивал, од 3 до 5 август беше одржана „Екс – ЈУ“ работилницата за краткометражни сценарија под водство на Дејан Дуковски, во рамки на истата учество земаа пет проекти: „Дали е тетка Божана, тато?“ – Ева Камчевска и Небојша Јовановиќ – Македонија, „Не е добар ден за паркирање“ – Филип Лафазановски – Македонија „Базен-дупка“ – Ана Вуќичевич – Србија, „Брат и Мајка“ – Александар Вујович – Црна Гора, „Цут“- Тамара Брочич.
Бројната публика и гостите кои допатуваа од различни делови на Македонија, ја направија атмосферата уште побогата, заминувајќи си со широки насмевки, полни срца и нахранети од уметност и забава, со нетрпение на следното издание на Галичник филм фестивал.
По завршувањето на проекциите следеше музичка програма која допринесе за уште поголемо уживање под богатото соѕвездие на Галичкото небо.