Трето издание на „Маалски Фестивал“ под мотото „Културата како јавно добро“


Од денеска до 29 септември ќе се одржи третото издание на „Маалски Фестивал“ под мотото „Културата како јавно добро“. Во просториите на КСП „Центар – Јадро“ и во Мобилно – монтажната галерија во Парк на франкофонија, во рамки на фестивалот ќе бидат изведени голем број улични уметнички акции, а ќе биде одбележан и петгодишниот јубилеј од активирањето на КСП Центар Јадро.

-Фестивалот ќе почне со работилница каде што најпрво ќе се мапираат уништените и оштетените елементи на урбаната опрема, па ќе бидат обновени клупите, игралиштата, жардиниерите, велат од тимот на КСП Центар – Јадро.

Воедно ќе биде организирана маалска тура за посета на објектите дизајнирани од архитектки низ Општина Центар.

– Оваа година го поттикнуваат и детскиот џагор низ улиците и парковите преку „Сложувалка“, креативната работилница под менторство на интердисциплинарниот уметник Доротеј Нешовски. Најмладите учесници заедно со уметникот ќе изработуваат џиновски улични сложувалки наменети за јавниот простор, со што ќе се здобијат со фини моторни вештини, информираат од тимот.

Официјалното отворање ќе биде вечер со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, која го претставува Центарот како приказна која се создава колективно.

По изложбата, во Парк на Франкофонија ќе настапи дуото Букршлиев Томевски, по што ќе следува македонскиот бенд „Мојра“, а по нив со слободната музичка импровизација ќе се претстави квартетот Спировски/Новковски/Танасковски/Џорлев.

Маалски фестивал се реализира со финансиска поддршка на Министерство за култура и туризам на РСМ.