Третиот пакет мерки доаѓа со Ребалансот на Буџетот


За сега е познато дека ќе се скратат не повеќе од 78 милиони евра од Буџетот и дека третиот пакет мерки ќе изнесува околу 200 милиони евра, во вид на директна помош за граѓаните и за таргетирани стопански сектори. За кратење на платите на администрацијата нема консензус.

Буџетскиот дефицит од сегашните 2,3 отсто ќе се зголеми на 6,8 отсто од БДП, колку што е и најновата прогноза на ММФ

Ребалансот на Буџетот, но и третиот пакет мерки за поддршка на стопанството и населението се во завршна фаза и ќе бидат донесени деновиве, откако ќе се испеглаат последните разлики околу кратењето на буџетските расходи и откако за новиот сет мерки ќе се произнесе и Економскиот совет на Владата. За сега е познато дека ќе се скратат не повеќе од 78 милиони евра од Буџетот и дека третиот пакет мерки ќе изнесува околу 200 милиони евра, во вид на директна помош за граѓаните и за таргетирани стопански сектори. За кратење на платите на администрацијата нема консензус.

Кога точно ќе бидат донесени ќе зависи и дали ќе биде продолжена Вонредната состојба бидејќи Владата без тоа не може да носи Уредби со законска сила.

„Тоа е факт, затоа што тоа е единствениот механизам како може да се донесе Ребалансот“, вели за Независен.мк советникот на премиерот Фатмир Битиќи.

Доколку биде продолжена вонредната состојба тогаш Владата нема да биде под притисок со оглед дека, како што вели Битиќи, „сакаме да донесеме Ребаланс што ќе одговара на потребите“.

Откако вчера на лидерската средба политичките партии не се усогласија за датумот на изборите, туку таа одлука ја оставија за наредната недела, остана отворено и прашањето за продолжување на Вонредната состојба што е во надлежност на претседателот на државата.

Инаку, Битиќи вели дека намалувањето на расходите во Буџетот ќе изнесува меѓу еден и два отсто од 3,9 милијарди евра колку што изнесува сегашната проекција на државната каса. Односно, кратењето на расходите би изнесувало меѓу 39 и 78 милиони евра, во зависност од тоа кои ставки ќе се намалат.

„Комуникацијата се одвива меѓу Министерството за финансии и секоја институција и додека не се усогласат не може да се каже колкава е точно бројката“, вели Битиќи и додава дека сепак, не може да се очекува поголемо намалување од овој процент. Но, тој додава дека за ден или два ќе се знаат сите детали околу Ребалансот на Буџетот за 2020 година.

Веќе не е тајна дека најжешкиот костен околу кои се кршат копјата е евентуалното намалување на платите на администрацијата, за што, како што потврдува Битиќи, нема консензус.

На прашањето дали сепак, ќе има доволно приходи со кои ќе се покријат предвидените расходи, со оглед на значително помалиот прилив од даноци и други давачки, Битиќи вели дека со еврообврзницата би тренбало да се овозможи сервисирање на сите потреби на расходната страна, вклучувајќи ги и отплатите на кредитите што доспеваат на крајот на оваа година во износ од околу 400 милиони евра. Сево ова ќе повлече и зголемување на буџетскиот дефицит од сегашните 2,3 отсто на 6,8 отсто од БДП, колку што е и најновата прогноза на ММФ.

Очигледно е дека просторот за кратење на расходите е прилично мал. Во тие рамки, како што објаснува Битиќи најмногу може да се интервенира во сегментот на стоки и услуги и евентуално кај субвенциите и трансферите, прецизирајќи дека не станува збор за намалување на поддршката на одделни сектори (како на пример земјоделството), туку дека ваква буџетска ставка (субвенции и трансфери) има кај секоја буџетска институција и се однесува на грантови и слични расходи, но не е голема ставка.

Поголеми се можностите за заштеди кај ставката стоки и услуги, каде што веројатно најмногу се интервенира во делот на набавките, што не се капитални расходи.

Капиталните расходи остануваат во Буџетот, освен евентуаално оние за кои ќе се процени дека нема услови да почнат со реализација оваа година, но таму, како што вели Битиќи нема радикални кратења.

Паралелно со Буџетот од Владата го најавуваат и третиот сет мерки за поддршка на економијата. Овој пакет, кој исто така ќе биде соопштен деновиве, ќе се темели на три сегменти: подршка на на приватната потрошувачка, на јавната потрошувачка и поддршка на стопанството како генератор на развој.

Битиќи прецизира дека поддршката ќе биде таргетирана кон тие што се најмногу погодени и дека станува збор за еден од поголемите пакети кои се до сега донесени.

Инаку, министерот за економија Крешник Бектеши вчера на ТВ21 изјави дека Владата планира за помош на стопанството да издвои уште 200 милиони евра во Третиот пакет економски мерки.

Мерките би требало да бидат претставени на почетокот на идната недела, откако претходно ќе се консултираат и со стопанските комори, синдикатите и Економскиот совет на Владата.

Тој денеска, одговарајќи на новинарско прашање рече дека очекува ребалансот на Буџетот да се случи многу наскоро, можеби и во текот на следната недела, како и тоа дека во ова не било вклучено кратењето на платите на јавната администрација, за што тој и министерката за финансии имаат различни ставови. (М.Ј.)