Трета среќа, вели Лидија Димковска, добитничка на наградата „Роман на годината“ (фото)


Фото: Б. Грданоски

Романот „Единствен матичен број“ на писателката Лидија Димковска (1971), во издание на „Три“, е годинашниот добитник на наградата „Роман на годината“, која по јубилеен, 25-ти пат, ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Покрај плакета и статуетка, Димковска ќе добие и парична награда од 150 илјади денари, кои ги доделува генералниот покровител Комерцијална банка АД Скопје . 

Фото: Б. Грданоски

„Со поседување на мошне развиено чувство за детаљ, со изострена перцепција за вкусот на времето, со умешност за каракетризација на ликовите, во рацете на Лидија Димковска општата идеја на откорнатоста и обездоменоста се материјализира во конкрет ни животни судбини кои ја носат во севе својата несомнена животна убедливост, се вели, меѓу другото, во образложението на жирито. 

Романот уште по своето објавување ја освои читателската публика, лани, летото. Жири-комисијата составена од Влада Урошевиќ, (претседател на жирито и лански лауреат) Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакуваните признанија во домашната книжевност. 

Фото: Б. Грданоски

„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, за кој вели дека е трета среќа за наградата. Нејзиниот роман „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година, а во трка за наградата беше и со романот „Скриена камера“. 

Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година, од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.

За Издавачки центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори кои во издание на „Три“ претходно се здобиле со ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000 г.), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006 г.), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008 г.) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012 г.).

Преселбата во Словенија ја смени мојата литература: Интервју со Лидија Димковска, автор

Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот. 

Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа, таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки. Има објавено и седум поетски збирки, еден дневник, една збирка раскази и уредила четири антологии. 

Фото: Б. Грданоски

Авторката, родена скопјанка, дипломец на Општа и компаративна книжевност, која 20 години живее и работи во Словенија, со богата биографија зад себе, домашни и регионални награди, лани во интервју за „Независен“ откри зошто и овој нејзин нов роман носи освестувачка приказна за нашиот свет што заборавивме да го сакаме. 

Фото: Б. Грданоски

„Постоиш ако имаш Единствен матичен број“ – во романот оваа идентитетска одредница од административно и социјално ниво се проширува и на емоционално и егзистенцијално. Дали постоењето е еднозначно или повеќезначно, што е тоа што го одредува животот, но и смртта на Никос Аврам, дојденец во Македонија од Кипар по инвазијата летото 1974 година, зошто сака „да фати пустелија“, и не само тој, туку и општеството како такво? Дали молкот е посилен од внатрешниот крик? И како што забележа една моја читателка: „Кога човек посакува пустелија да фати, таму го губи и единствениот матичен број“. Насловот ми се чини дека ги синтетизира прашањата што романот ги отвора, а меѓу нив и колку може да се отуѓи човек и од себеси, не само од другите, ни објасни, Димковска.

Свеченото доделување на наградата ќе се одржи во мај, кажаа организаторите од фондацијата „Славко Јаневски“.