Трет конгрес на патологија со меѓународно учество во Скопје

Македонското здружение за патологија во соработка со Меѓународната академија на патологија Дивизија Северна Македонија, во Скопје одржуваат Конгрес на патологија од кој се очекува развој на оваа дијагностичка област во медицината.
Во изјава за МИА, професор д-р Рубенс Јовановиќ, претседател на Македонско здружение за патологија, истакна дека на конференцијата се презентираат теми од областа на меко ткивни тумори, уропатологија, гинеколошка и дерматопатологија.
-На третиот по ред национален конгрес за патологија со интернационално учество имаме повеќе од 160 учесници. Тука учествуваат сите патолози од земјава, потоа патолози од регионот, како и предавачи од САД, Канада, Шпанија, Австрија, како истакнати експерти од нивната област. Со овој настан ќе се актуелизира патологијата и ќе овозможи унапредување на оваа дијагностичка област од медицината која што реално е круцијална за развој на останатите гранки во медицината и за она што сите ние се бориме, а тоа е развој на персонизирана медицина. На конференцијата застапени се теми од областа на меко ткивни тумори, уропатологија, гинеколошка и дерматопатологија, истакна Јовановиќ.
Според востановената практика, од Конгресот се очекуваат заклучоци во функција на струката и дополнителни знаења, изјави професорката д-р Катерина Кубелка Сабит, претседателка на македонската дивизија на интернационалната академија на патологија.
-Се надевам на успешен конгрес затоа што имаме предавачи кои се светски познати експерти. Се надевам дека сите колеги ќе имаат бенефит од овој конгрес, ќе научиме повеќе и ќе можеме да придонесеме во професијата. Од конгресот ќе произлезат заклучоци во областите на гинеколошката патологија, потоа патологија на кожа, молекуларна патологија и патологија на мекоткивни тумори затоа што тоа се области исклучително комплицирани и веруваме дека ќе обезбедиме дополнително знаење за сите, нагласи Кубелка Сабит.
Македонското здружение за патолгоија е активна организација која членува во Македонско лекарско друштво, Европско здружение на патолози и Интернационалната академија за патолoгија.