„Трескавец“ се обновува според роковите, но потребно е решавање на неколку клучни зафати


Работите со обновата на опожарените конаци на манастирот „Трескавец“ кај Прилеп се при крај, но за проектот да помине на технички преглед потребно е да се решат прашањата со водоводот до манастирот, без кој не може да има технички прием на објектот, а се работи и на пречистителната станица. Освен тоа, годинава треба да завршат истражувачките работи, а в година да почне конзервацијата на манастирската црква „Успение на пресвета Богородица“ што е битно за целиот комплекс „Трескавец“ да биде комплетно завршен.

Ова го констатираа изведувачот, фирмата „Кота“ од Белград, прилепскиот Завод и музеј, градските власти на Прилеп и Министерството за култура при посетата на претставниците на институциите на манастирот „Трескавец“.

Конаците на манастирот се обновуваат по пожарот од пред пет години што до темел ги уништи. Претставниците на изведувачот, заменик-министерот за култура Владимир Лазовски, директорот на прилепскиот Музеј, Благоја Атанасоски, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски заедно со единствениот жител на манастирот, отец Калист, направија увид во работите.

Според Благоја Атанасоски, директор на прилепскиот Завод и музеј, работите на обновата на конаците течат непречено, но има проекти што мора да се завршат, врзани и за конаците и за придружните објекти. По повеќе време се знае дека конзервацијата на црквата, која има фрескоживопис меѓу најстарите на Балканот, ќе почне в година. Според Атанасоски, досега имало пропусти, зашто мора да се проширува проектот за пречистителна станица.

– Работите се во тек и во завршна фаза. Динамиката гарантира дека во предвидениот рок ќе завршат работите на обновата на конаците. Паралелно се работи и на придружните објекти, иако капитални се реставрацијата и конзервацијата на црквата, а тука се и трпезаријата, магерницата, камбанаријата. За нив се работат истражувачките активности. Формирани се стручни тимови. Оваа година ќе бидат изготвени проекти, за наредната година дефинитивно да почнеме со конзервацијата на црквата и на другите објекти. Работиме и на две ставки што, за жал, не биле предвидени во првичниот проект и не одговараат на стандардите што ги бара капацитетот на комплексот. Тоа е проектот за пречистителна станица, зашто досегашниот предвидува само за малку, пет луѓе. Со Министерството за култура правиме напори да одвоиме средства за проект што ќе ги задоволи стандардите и потребите на манастирскиот комплекс. Тоа значи дека пречистителната станица треба да биде за потребите на стотина луѓе. Ќе вршиме интервенција и на трафостаницата што треба да ги задоволи сегашните проширувања на капацитетите, поради современите електрични и електронски апарати. Барањето е поднесено до ЕВН, објаснува Атанасоски.

Фондот за конаците што се троши е околу два милиона евра, без интервенциите на придружните објекти. Претстои најкомплицираниот дел од работата на овој комплекс, зашто црквата бара посебен третман, конзервација и на архитектурата и на живописот, но и работите околу магерницата, трпезаријата. Значи, во овој момент за рок не може да се говори.

– Процесот трае, но никогаш не почнало темелно да се работи. Се правеле интервентни, но не значајни работи, па затоа црквата „Успение на пресвета Богородица“ е во ваква состојба. Но мора да се задржат стандардите и стручните интервенции, посебно на живописот на црквата, кој е еден од најстарите и на Балканот. Инаку, се работи на проектот на водоводот и се бара најдоброто решение, а без тоа не може да се направи технички прием на комплексот. А тука се проектите за пречистителната станица и за заштита од пожари, вели Атанасоски.

Никола Ѓулизибариќ од фирмата „Кота“ од Белград, кој ги изведува работите и е директор на изведбата на објектот, вели дека иако имаше ревизија на проектот за противпожарна заштита, најбитно е да завршат занаетчиските работи и ентериерот на конаците. Работат според роковите.

– Направивме ревизија на проектот за заштита од пожари. Тоа не ни е проблем, тоа се одвива брзо, посебно со инсталациите. Ќе ги завршиме занаетчиските работи што се убави, но бараат време за изведба и се вистинска уметност. Ние ќе внимаваме до среднината на наредниот месец, решавајќи ги техничките и некои материјални проблеми, работите да ги приведеме кон крајот. Почнавме кон крајот на април 2016 година, имајќи предвид дека во зимските месеци не се работи. Според договорот за изведба се три години, ама работни денови. Така, ние сме фактички пред рокот. Условите за работа се отежнати, особено во зима. Значи, нам ни е најбитно да ги завршиме занаетчиските работи, ентериерот, да се направат водоводот и пречистителната станица и тоа ќе биде крај на работите, рече Ѓулизибариќ.

Единствениот жител на манастирот „Трескавец“, отец Калист, вели дека е неопходно да се реши прашањето со водоводот. Има разбирање од Министерството за култура.

Инаку, и додека се работи, „Трескавец“ го привлекува вниманието на посетителите од целиот свет, само што кратко остануваат, поради изведбите. Капацитетот ќе биде барем за педесетина посетители да престојуваат подолго.

– Градежните работи се во завршна фаза и очекуваме до крајот на септември да бидат готови. Но, за да биде сѐ готово, мора да биде завршен проектот за водоснабдување на манастирот, зашто без тоа не може да ги пуштиме во употреба конаците. Заменик-министерот за култура Лазовски покажа интерес за ова и за нашите идни неопходни проекти: проектот за реставрација на црквата „Успение на пресвета Богородица“, проектот за старата трпезарија и сѐ она што значи проектот „Трескавец“ да биде заокружен. Посетителите никогаш не загубиле интерес за „Трескавец“, без разлика што овие години се обновува. Секојдневно има посети, но сега, поради работите на обновата, тие посети се еднодневни. Се надеваме дека од следното лето ќе имаме можност да ги поканиме гостите и на ноќевање, објаснува отец Калист.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски смета дека работите се одвиваат според роковите, а за туристичка презентација и не само на „Трескавец“ има проект финансиран од ЕУ.

– Во „Трескавец“ гледаме дека работите се при крај и се надевам дека за брзо време ќе дојдеме да „ги отвориме“ обновените конаци. Имаме еден заеднички проект за сите главни историски монументни во градот што ги опфаќа манастирите „Трескавец“, „Свети Архангел Михаил“ и Марковите кули, финансиран од ЕУ, со кој се прават брошури, патокази, мапи за да им покажеме на гостите и на туристите што доаѓаат за подобро да се снајдат и да ги посетат овие три битни локалитети, значајни како за Прилеп така и за Македонија.