„Треска“ во пламен, сомневањата до небо

Огромен дел од јавноста мисли дека пожарот во „Треска“ е подметнат. Како и оној во судските бараки во скопскиот парк. И дека за сето тоа наводно стои „градежната мафија“. И дека власта, и локална и државна, ништо не прави да ги спречи ваквите злодела. Па дури дека е и учесник


Гори поранешната фабрика „Треска“ беше вест на денот вчера. Пожарот беше голем, се изгаси за два часа, а најдобрата вест беше што нема повредени.

Сепак, огромен црн чад се издигна од центарот на Скопје. Жители кои живеат во близина кажуваат дека погонот што гореше се користел за боење и лакирање, што значи штетни материи се ослободија во воздухот, а тоа го потврдија и од противпожарната служба, но ни една институција не кажа насоки како да се заштитат граѓаните. Секако, сите ги затворија прозорците, излегоа надвор, но од љубопитност, близу пожарот, па веројатно се надишаа штетни отрови.

Ако се знае дека локацијата на поранешната фабрика „Треска“ последните години е голема цел на инвеститори кои сакаат таму да градат деловни и станбени објекти, со оглед на тоа што дел од земјиштето е приватно, а дел државно, многумина ќе помислат дека пожарот веројатно бил подметнат. Таква работа сугерираше и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, иако шефот на противпожарната служба беше повнимателен, велејќи дека истрагата треба да го каже своето. Истражните органи треба што е можно побрзо и подобро да ја завршат својата работа и да ги кажат вистинските причини за пожарот. 

Иста е логиката и за поранешните судски бараки во скопскиот парк, кои гореа на два пати во само неколку месеци. И за таму се шпекулираше дека ќе се градат деловни објекти, иако општинските власти уверуваа дека на местото ќе се гради градинка и тој простор ќе биде во служба на јавноста. Згариштето стои, објект не никнал, но ниту некој се труди да го исчисти местот на пеплосаните бараки. Сите си ја префрлаат обврската на некој друг?

Огромен дел од јавноста мисли дека пожарот во „Треска“ е подметнат. Како и оној во судските бараки во скопскиот парк. И дека за сето тоа наводно стои „градежната мафија“. И дека власта, и локална и државна, ништо не прави да ги спречи ваквите злодела. Па дури дека е и учесник.

Скопјани се прашуваа и што треба да се гради на местото на опожарените бараки за урбанизам и архитектура во Карпош, каде исто така имаше пожар. Последните години гореше и објектот пред Т.Ц. „Мавровка“ и тоа среде карантин, кога имаше забрана за движење.

За чудо, не се запалија бараките во кругот на државната клиника, но откако беше затворен студентскиот дом „Медицинар“ тие зјаеја празни. Беа урнати со почетокот на ковид-кризата, кога се јави потреба од изградба на модуларни болници.

Ако овие, сега опожарени објекти, се користеле од државни институции или земјиштето е во државна сопственост, зошто надлежните не се грижат за безбедноста? Нема чувари, никој не ги посетува од време на време. Сите ја вртиме главата од она што изгледа грдо, ама смислуваме каква убава населба, со колку многу станови, деловни центри и канцеларии може да се направат на тие локации и колку пари може да се заработат…

Социјалните мрежи вријат од прашања. Луѓето тврдат дека нема човек во државата што мисли дека пожарот во „Треска“ и судот во Парк е случајност. Коментираат дека е жално што богатите газди го жртвуваат здравјето на скопјани и животите на пожарникарите.

Вознемирената јавност посочува со прст (секако, без докази) дека овие пожари се подметнати или нарачани од „градежната мафија“. Кој би можел да го тврди тоа со сигурност? И некој да го подметнал пожарот треба да се истражи дали тоа било по нарачка или поради пиромански склоности. Јавна тајна е дека по ваквите, со години напуштени објекти се засолнуваат бездомници, често се собираат и млади, па прашање на време е само кога во некој пожар ќе имаме и жртва.

Откако ќе изгорат, надлежните велат истрагата ќе ја покаже причината за пожарот. Ниту некој се сеќава што покажа истрагата за судските бараки, ниту ќе дочекаме да дознаеме на која начин изгоре „Треска“. Како одамна да сме се откажале од мислата дека некогаш некој ќе понесе одговорност.

Ни останува само хумористичниот сарказам, па по социјалните мрежи ќе читаме честитки од типот: „Центарци, ај честито нова населба!“ или новосмислени вицови: „Во светот – каде има чад има и скара, кај нас – ако има чад, ќе никне нова зграда!“