„Треска“ нема да биде парк, но не смее да стане ниту бетонска џунгла


Просторот на некогашната фабрика „Треска“ во Скопје нема да стане парк, како што сакаат граѓаните, но не смее да стане ниту бетонска џунгла, како што посакуваат сопствениците на парцели. Уредувањето на просторот деновиве е жешка тема во јавноста, која преку Советот на Општината Центар бара таа да се уредува на конкурс. Точката веќе двапати се најде на дневен ред, но советниците не донесоа одлука, а претседателката на Советот, Јана Белчева, најави дека и идната недела повторно ќе се расправа на оваа тема.

Разликите меѓу желбите на граѓаните во загаденото Скопје, да добијат што повеќе зеленило, и на сопствениците на парцели во „Треска“ се разбирливи, смета архитектката Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, бидејќи стандардите кои граѓаните ги очекуваат се различни. Тие се разликуваат во зависност од тоа дали станува збор за личен интерес, профит или за општествена корист. Затоа, за да се создаде баланс, постојат законите, нормативите и стандардите, кои треба да се почитуваат и доследно спроведуваат од страна на сите вклучени во процесот на планирање на градот.

„Решение за двете спротивставени крајности – ’сакаме станови за децата‘ од едната, и ’сакаме парк‘ од другата – е компромис помеѓу сопствениците и јавниот интерес, што е целта на иницијативата за конкурс. Тоа значи дека просторот не може да се претвори во парк, но значи и да не се преизгради, како што е планирано со предходниот ДУП со кој се предвидени преку 142.000 квадратни метри бруто развиена површина за градење. Идејата е да се распише конкурс за урбанистички план и на градежните парцели кои се во сопственост на државата да се градат содржини од јавен интерес, а приватните парцели да ја задржат добиената квадратура со предходниот ДУП.  Решението не е идеално, но изграденоста ќе се намали на сметка на државното земјиште, каде ќе се предвидат и содржини од јавен интерес, а сопствениците ќе ја добијат истата квадратура, само поразлично распределена и покреативно планирана и како и партер на локацијата планиран и за граѓаните“, посочува Раѓеновиќ-Јовановиќ.

Идејата е со конкурсот да се добијат и проекти каде ќе се знае бројот на станови и нивната структура, соодветно на Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање. На тој начин ќе се избегне градење на двособни станови од 40 квадратни метри и трособни од 55 квадратни метри, кои не ги исполнуваат овие стандарди. Паркирањето, исто така треба да биде решено според бројот на возила на паркиралишта кои ќе се изведат соодветно сите стандарди. Овој начин на донесување одлука за просторот, смета таа, дава шанса да се покаже дека и во не многу поволни услови урбанистичкото планирање може да даде подобри резултати, а тоа е предност за сите корисници на просторот и оние кои имаат свест за јавниот интерес и за оние кои треба да остварат профит. Конкурсите во светот се честа практика, особено за простори кои се од значење за еден град. Даваат можност да се добијат планирани населби, наспроти живеењето во хаос кој неминовно настанува во развивавањето на градови кога тоа е раководено со третирање на просторот како плен на поединци, а планерите работат по диктат на инвеститорите и локалните моќници.

„Во градовите низ светот и експропијацијата како алатка за управување со земјиштето во многу случаи е неопходна кога местата доживуваат деградација од разни причини и може да послужи за спроведување на квалитетни планерски визии. Слични зафати низ историјата направиле и Илдефонс Седра со Барселона, баронот Осман со Париз, а радикални трансформации заради објективни причини насочени кон унапредување на градското живеење и справувањето со хаосот, своевремено претрпеле и Њујорк, Амстердам, Јоханесбург, Бостон, Виена, Берлин, Индијанаполис и огромен број други градови секаде во светот“, вели Раѓеновиќ-Јовановиќ.

Дали советниците на Центар ќе ја препознаат заложбата на архитектите и желбата на јавноста, ќе се знае за неколку дена. Претседателката на Советот, Јана Белчева, вели дека нема да се откаже од иницијативата и точката по третпат ќе се најде пред советниците.

„Нови невладини организации се приклучуваат на иницијативата, што само покажува дека граѓаните сакаат тој простор да се решава на поинаков начин. Во моментов ни треба нова синергија на потребите на граѓаните и стручната јавност, која сака да помогне и да ги исправи грешките од минатото, затоа што последиците ги живееме сите“, вели Белчева.

Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, вели дека според стариот ДУП на оваа локација е предвидена изградба на станбен и деловен комплекс, но тој во моментов, заедно со повеќе други планови, се ревидира додека не се усогласат со ГУП.

„Што се однесува до делот на ’Треска‘, тој е дел од планот ’Буњаковец‘ кој се работи од 2014 година, а во моментов е во мораториум. Имаме одредени иницијативи на кој начин тоа да се решава и нормално тоа го усогласуваме. Важно е иницијативите да бидат правно издржани и да видиме кој е саканиот ефект од нив“, вели рече Богдановиќ.

Сања Наумовска