Трендафилов го чекаше Мицкоски во ССМ, тој го чека Деаноски в четврток во Владата
Додека претседателот на ССМ Слободан Трендафилов утрово остана сам во просториите на Синдикатот, чекајќи го претставникот на Владата, односно премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера рече дека нема проблем да појде таму, од Владата се чудат кого чекал првиот синдикалец, кога тие закажале средба со УПОЗ, за во четврток попладне.
„Во врска со денешните јавни настапи и изјави на Трендафилов, како Влада најостро реагираме на обидите за создавање лажна слика за социјалниот дијалог. Не знаеме кого Трендафилов чекал, сместувајќи се во празна сала, но едно е кристално јасно, социјалниот дијалог за нас е сериозна и одговорна државна политика, а не средство за политички театар и парадерство пред камери. Јавноста треба да знае дека средбата на премиерот Мицкоски со претставници на синдикатот УПОЗ е закажана и ќе се одржи во просториите на Владата во четврток во 16:45 часот3, велат од Владата.
За нив тоа е конкретен доказ дека Владата не бега од дијалог, туку инсистира истиот да биде сериозен, суштински и насочен кон резултати.
Трендафилов пак, објавувајќи фотографија како сам седи и чека претставник од Владата во просториите на ССМ напиша: „Добро е што претставникот на Владата по големиот работнички протест го прифати предлогот на Синдикатот на УПОЗ за зголемување на платите во управата и правосудството, а требаше веднаш и без одлагање да го потпишат колективниот договор.
Мицкоски можеби ќе појде во синдикатите в понеделник, но постави услов
УПОЗ ја потврди средбата во Владата
Синдикатот на УПОЗ потврди дека во четврток во 16,45 часот, во Владата ќе седнат на маса за преговори во врска со барањата на Синдикатот за зголемување на платите на вработените во управата и правосудството.
Од Синдикатот на УПОЗ, меѓу другото, посочуваат дека, Владата, според нив, веднаш излегла со „понуда“ за зголемување на платите на работниците во управата и правосудството, по протестот одржан на 28 јануари.
– Нагласуваме дека вработените имаат право на веќе стекнати права утврдени со колективни договори и новото зголемување на платите ќе значи дополнително материјално право, нешто за што Синдикатот на УПОЗ се залага, стои во соопштението од УПОЗ.
Премиерот Христијан Мицкоски в четврток попладне ќе се сретне со Синдикатот на УПОЗ. Средбата е закажана за 16.45 часот, а доаѓа откако Мицкоски даде понуда за раст на платите за која УПОЗ рече дека е прифатлива и дополнително ќе се разговара во рамките на синдикалните организации.
Претходно, понудата на Владата беше прифатена и од КСС, предводен од Благоја Ралповски.
Што бара ССМ, а што нуди власта?
Инаку, ССМ кој организираше голем протест во Скопје минатата недела, се залага за утврдување на висината на минималната плата во бруто – износ започнувајќи со исплатата за февруари 2026 година со која минималната плата се зголемува на 600 евра во нето, а останатите плати да се зголемуваат за најмалку 6000 денари и тоа за сите работници, а не само оние кои потпаѓаат под УПОЗ (Синдикатот на работниците од управата, правосудството и финансиските организации).
За ова барање на ССМ, премиерот Мицкоски вели да се договорат работниците со работодавачите, а Владата во рамките на Економско-социјалниот совет, е само фасилитатор, односно посредник.
„Како најголем работодавач, нашите односи со работниците се веќе регулирани. Останува уште оној мал дел од околу 7.700 до 7.800 административни службеници. Понудата е на маса и, доколку синдикатите се согласат, подготвени сме да ја прифатиме уште утре. Нашиот предлог предвидува дека за две години и два месеца од денеска, вработените во државната администрација ќе имаат примања повисоки за минимум 40 проценти“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на настан во Тетово, пред три дена.