Тренчевска: Власта спроведува историска измама на пензионерите

Власта спроведува историска измама на пензионерите. Со последната одлука за зголемување од само за 1.000 денари, пензионерите се оштетени не еднаш, туку двапати – во септември 2025, и уште еднаш во март 2026. Зошто?, се посочува во соопштението од СДСМ од прес-конференцијата на пратеничката Јована Тренчевска.
Како што наведе Тренчевска, со ваково линеарно зголемување од 1.000 денари, Владата го укинува правичното законско усогласување – со што пензиите ќе се зголемеа многу повеќе.
„Механизмот што го донесе СДСМ да ги штити пензиите од инфлација и раст на трошоците за живот ќе значеше зголемивање на сите пензии за 5% во септември и уште 5% во март, со сегашното ниво на трошоци и плати. Сега, 92,5% од сите пензионери – над 318.000 луѓе – се оштетени и ќе добијат помали пензии отколку што реално им следува и заслужиле“, изјави Тренчевска, посочувајќи дека некои од нив ќе добијат за 2.000 денари, а некои и за 4.000 денари помалку.
„Само 7,5% ќе добијат некаква корист, и тоа – помалку од тоа што им следува и го заслужиле“, рече Тренчевска.