Тренчевска се надева дека ќе биде постигнат договор меѓу СОНК и Владата


 Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се надева дека до 11 април за кога е закажан штрајк на вработените во училиштата и градинките ќе има договор помеѓу Владата и СОНК со цел згрижувањето на децата да може да се одвива непречено. Но, вели, и доколу не биде постигнат договор и вработените штрајкуваат, директорите на градинките мора да најдат начин да ги згрижат децата кои ќе дојдат. 

-Се надевам дека ќе има договор до 11 април, меѓутоа и согласно Законот за детска заштита градинките мора да ги згрижат дечињата кои што се дојдени овде. Општината е должна, директорите на детска градинка треба да се обратат до општините, сите оние кои што ќе штрајкуваат да бидат заменети со кадар така што градинката мора да работи. Легитимно право е да се штрајкува, меѓутоа и по закон и по Устав е дечињата да бидат згрижени, изјави министерката во одговор на новинарско прашање по отворањето на детска библиотека во ЈОУДГ Буба Мара – објект Пчелка 1.    

Директорката на оваа градинка во Општина Аеродром, Елена Устамитова истакна дека дијалогот за ова прашање се уште трае и оти чекаат од СОНК известување за евентуалното одржување на штрајкот.

– Дијалогот се уште трае. Додека ние немаме официјално од СОНК информации дека штрајкот почнува, се надевам дека, затоа што за добро за сите нас, и за децата и за нас како вработени, е преку дијалог да се реши тоа. Ќе се организира секако, но процесот на згрижување на деца нема да застане. Ќе се организираме затоа што целиот персонал нема да штрајкува и ќе ги искористиме сите ресурси тој воспитно образовен дел да не застане, истакна таа.  

За денеска е најавена нова рунда разговори на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) со Владата.

Од СОНК најавуваат дека ако не биде постигнат договор штрајкот најавен за 11 април ќе трае се додека не се исполнат нивните барања.

Членството од регионите на Синдикатот се изјасни за генерален штрајк доколку не се исполнат нивните барања. СОНК бара усогласување на платите во образованието со минималната плата, која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.

СОНК бара корекции на платите и за вработените во градинките, како и усогласување со минималната плата во високото образование и за вработените во ученичките и студентските домови.