Тренчевска предлага парите за авионот да се пренасочат за минимална плата


Откако премиерот јавно се откажа од намерата за купување нов владин авион, еве шанса тие милиони евра да се пренасочат за обезбедување на 600 евра минимална плата за работниците, рече пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ.

„Сега нема оправдување дека нема пари. Штом биле планирани пари за нов авион, а еве слушнавме дека нема да се купува, дополнително со ставките од Буџетот што пратеничката група на СДСМ ги предложи за обезбедување на пари за зголемување на минималната плата, значи пари има“,порача Тренчевска.

Реакцијата на опозициската пратеничка следува откако претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата се откажува од набавката на нов воздухоплов.Тренчевска рече дека законските измени за минимална плата предложени од СДСМ, со кои се бара покачување на минималецот на 600 евра, денеска се нашле на дневен ред во Собранието, пА таа ги повика сите пратениците, особено од владејачкото мнозинство, да дадат поддршка на законот и да се изгласа.

Во врска со барањата на синдикатите за зголемување на минималната и на сите останати плати, премиерот во изјава за медиумите денеска рече дека Владата може да помогне и да биде посредник меѓу работодавачите и работниците за наоѓање компромис за ова прашање, но, како што рече, „не може да наметнува“.