„Треба да ги видите фактите со кои располагаме“: Антикорупциска му возврати на обвинителството
По острото писмо на Јавното обвинителство до Антикорупциската комисија околу конфискацијата на имотот на „Трансмет“, ДКСК писмено одговори дека нивната иницијатива уште не е доставена, а обвинителството нема сознанија со кави факти и доказни материјали располага.
„Податоците кои беа изнесени на седницата, а која е задолжително јавна, согласно член 22 став 3 од Законот за спречување корупција и судир на интереси, во најголем дел се веќе познати на јавноста, а ДКСК изврши анализа и хронолошко поврзување на истите.
ДКСК и во овој случај постапи согласно надлежноста утврдена во член 17 став 1 точка 5, и одлучи да покрене Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење по предметите по кои постапува.
Се поставува прашањето како ЈО ја оцени Иницијативата дека е беспредметна и неоснована и дека Комисијата при анализа на предметот немала пред себе бројни докази ниту увид во комплетната фактичка состојба, кога Иницијативата сѐ уште не е доставена, а ЈО сѐ уште нема сознанија кои доказни материјали сме ги обезбедиле при анализата на овој предмет“.
Антикорупциска вели дека нејзината цел е да придонесе во расветлувањето на случајот, а не да ја кмпромитира постапката на обвинителството.
„ДКСК почитувајќи ги одредбите во Меморандумот за соработка на ДКСК со ЈО, на редовна средба го извести обвинителството дека има сериозни сомнежи во врска со предметот ‘Труст’ и дека ќе покрене Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење“, се вели во соопштението.