„Травијата“ на Верди на сцената на НOБ

Операта „Травијата“ од Џузепе Верди, ќе биде изведена вечерва на сцената на Националната опера и балет со почеток во 20 часот.
Под диригентската палка на Иван Еминовиќ и во режија на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, оваа продукција ветува смело сценско дејствие и визуелен квалитет. Сценографијата и костимографијата се дело на Софија Шнајдер од Германија, кореографијата е на Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска.
Во главните улоги ќе настапат Наде Талевска како Виолета Валери, Благој Нацоски како Алфред Жермон и Марјан Јованоски како Жорж Жермон. Останатите улоги ги толкуваат Марика Поповиќ, Александра Лазаровска Василевски, Васко Здравков, Драган Ампов, Дејан Стоев, Борко Биџовски, Игор Гиновски и Тихомир Јакимовски, заедно со оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Травијата“ е едно од најпопуларните и најинтимни оперски ремек-дела на Џузепе Верди, со партитура која изобилува со фантастични музички сегменти и комплексно „безвременско“ либрето, напишано според романот „Дамата со камелии“.