Траоре: Демократијата не е за нас, мора да ја заборавиме!
Воениот лидер на Буркина Фасо, Ибрахим Траоре, изјави дека „луѓето мора да заборават на демократијата“ и дека „демократијата убива“.
Траоре, кој ја презеде власта со државен удар во септември 2022 година, претходно вети дека ќе одржи избори во 2024 година, но сега изјави дека тие нема да се одржат сè додека земјата, која повеќе од една деценија е разурнувана од исламистички бунтови поврзани со Ал каеда и Исламската држава, не биде доволно безбедна за сите граѓани да гласаат, објавија британските гласила.
За време на тркалезна маса со новинарите, емитувана на државната телевизија, Траоре рече дека администрацијата во моментот се фокусира на други предизвици.
„Мораме да ја кажеме вистината: демократијата не е за нас“, рече тој.
Тој го наведе и примерот на Либија нагласувајќи дека, според неговите зборови, странците се обиделе да „наметнат демократија“.
Во јануари воената влада ги распушти сите политички партии во земјата, од кои имаше повеќе од 100 регистрирани пред државниот удар, вклучувајќи 15 во парламентот по општите избори во 2020 година.
Соседните Мали и Нигер, исто така предводени од воени владетели, спроведуваат слични политики. Како резултат на исламистичките бунтови во сите три земји во последната деценија, илјадници луѓе се убиени, а милиони се раселени.
„Хјуман рајтс воч“ вчера објави извештај во кој се покажува дека воените сили на Буркина Фасо и нивните сојузници убиле повеќе од двојно повеќе цивили од исламистичките милитанти во 2023 година. Владата на Траоре не го коментира извештајот.