Транспаренси интернешнел: Да се повлечат измените на Кривичниот законик, тие се „тивка амнестија“
Блупринт групата за реформи во правосудството бара од претседателот Стево Пендаровски да не го потпише законот кој инаку се донесува со просто мнозинство.

Транспаренси интернешенел – Македонија (ТИ-М) изразува загриженост во
врска со предлогот на Владата за изменување и дополнување во скратена постапка на
Кривичниот законик.
„Предложените измени се спротивни на заложбата за безусловна борба против
корупцијата и за засилени санкции против лицата кои се обвинети или осудени за
коруптивни кривични дела. Во овие моменти на силни внатрешни и надворешни
укажувања дека корупцијата, а посебно високата корупција се на високо ниво, а
довербата во правосудниот систем е 0,4% кај граѓаните, што е на најниско ниво во
историјата на оваа држава, кога владее состојба на неказнивост и недостасува секаков
вид на одговорност, во Собранието е доставен предлог на законско решение, кој треба
да овозможи поблаг третман, поблаги санкции, ослободување од вина и оневозможена
конфискација за сторителите кои за сопствени цели ја злоупотребиле својата службена
положба.
Со новиот предлог закон за измени на Кривичниот законик се предлага
намалување на казните за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и
овластување; се брише ставот 5 од членот 353 кој ја санкционира злоупотребата на
службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот
и на јавните фондови за кои беше запретена казна од најмалку 5 години затвор,
максималната казна затвор за злосторничко здружение се намалува од 10 на 3 години,
а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот. Со намалување на висината на казната на конкретните дела се намалува и должината на нивното застарување и сето наведено е предложено преку скратена постапка – употребувајќи го европско знаменце.
Следствено на ваквите измени, треба да се погледне членот 3 од Кривичниот
законик – Задолжително применување на поблаг кривичен закон став 2 – според кој ако по
извршувањето на кривичното дело е изменет законот, еднаш или повеќе пати, ќе се
примени законот што е поблаг за сторителот, па одредени постапки подлежат на
застареност. Со ваквото законско решение многу обвиненија и истраги за висок коруптивен
– финансиски криминал сторен на штета на државата ќе се соочат со застареност.
Практиката за посебно приспособување на законите кон приватните интереси е
длабоко вкоренета во РСМ. Со измените на Кривичниот законик од 2018 година, се
намалија казните за злоупотреба на постапката за јавни набавки (тендерска постапка)
и доделувањето договори за јавни набавки или јавно-приватно партнерство. Тоа
резултираше со неказнивост на кривично осудено лице.
Оваа практика на носење на закони по мерка веќе ја имаме препознаено и
нотирано во времето кога требаше да се обезбедат гласови за Преспанскиот договор.
Законите што се скроени по мерка претставуваат релативно нов облик на
корупција на високо ниво, каде што законите и прописите тивко се донесуваат или се
изменуваат во полза на приватните интереси на некое лице или претпријатие. Во овој
случај веќе постои практика определени политички цели да се постигнуваат со ‘тивка
амнестија’ за што уште еднаш сите заложби за правна држава се уриваат пред
заложбата за политички компромис.
ТИ-М укажува дека штетата која што може да настане како последица на ваквите
законски решенија, каде што практично доаѓа до неказнивост, би била огромна. Секоја
измена на Кривичниот законик привлекува огромно внимание како од стручната фела
така и од сите чинители во опшеството, така и оваа и не смее да се дозволи ‘тивка
амнестија’ на сторителите на коруптивни кривични дела на штета на граѓаните. Затоа
предлагаме овој предлог да биде повлечен“, стои во реакцијата.
Со реакција се јавија и од Блупринт групата за реформи во правосудството која ја сочинуваат „Македонско здружение на млади правници“, „Институтот за европска политика“, „Институт за човекови права“, „Коалиција сите за правично судење“, „Хелсиншки комитет“ и „Центар за правни истражувања и анализи“, од каде изразија сериозна загриженост и побараа законските измени да не се гласаат од пратениците или указот да не биде потпишан од претседателот Стево Пендаровски.Од Блупринт групата нагласуваат дека Владата во предлогот нема образложение по кои стандарди и зошто се намалуваат казните.
„Сметаме дека ваквите интервенции во законот ќе бидат погубни за борбата против организиран криминал и корупција и дополнително ќе ја зголемат и така високата неказнивост за сторителите на кривичните дела. Битно е да се напомене дека во предлог текстот не е наведено зошто се намалуваат казните и по кои стандарди се предлагаат бидејќи во коресподентните достапни табели во релевантните документи на ЕУ воопшто не се спомнати и оценети двете спорни одредби“, велат од Блупринт групата и додаваат дека обидот да се протнат на мала врата вакви законски измени и решенија ќе ја намалат и онака ниската доверба во правосудството и ќе бидат погубни за борбата против криминалот и корупцијата.
„Ако ваквите предлози се донесат, тоа ќе има влијание и на намалувањето на рокот за настапување на апсолутна застареност, односно, лицата кои ги сториле овие дела во последните 10 до 15 години ќе имаат можност да избегнат кривична одговорност“, велат од Блупринт групата.