Трампизмот на Мицкоски: „Ги разбирам Бугарите, Македонија е изолирана“


Лидерот на опозицијата за Сител рече оти „апсолутно“ ги разбира Бугарите дека ги штитат своите интереси. Потоа погрешно наведуваше дека германскиот министер Михаил Рот рекол оти ЕУ мора да ги заштити бугарските интереси. Рот, всушност рече, дека од сите 27 членки на ЕУ само Бугарија била против усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија

 

Дали е тоа некоја политичка болест или едноставно шанса да се зграби нешто што изгледа на дофат во време на конфузија – но лидерот на опозицијата вчера тврдеше дека официјална Софија не е изолирана од другите земји-членки на ЕУ во блокадата на Македонија и дека на состанокот на министрите на Унијата минатата недела била поддржана уште од еден сосед на нашата земја.

„Тие си ги бранат своите интереси. Јас нив ги разбирам, апсолутно. Проблемот е што ние имаме политичар (Зоран Заев – н.з.) којшто ги распродава националните интереси“ рече Христијан Мицкоски сношти во разговор за вестите на Сител.

Тој, наведувајќи погрешни цитати, во своевиден македонски трампизам, тврдеше дека германскиот министер за Европа, Михаил Рот, го изјавил ова по видео-состанокот на 17 ноември: „Договор мора да има затоа што ние мораме да ги заштитиме интересите на нашиот партнер во ЕУ, а тоа е Бугарија. Па ако вие сакате да бидете дел од тоа семејство ќе мора да се договорите“.

Вистината е сосема поинаква од она што го тврди Мицкоски, а Михаил Рот кажа нешто сосема друго, сосема спротивно од наводите на лидерот на опозицијата. Според она што го пренесе Дојче веле, државниот германски радиодифузер, Рот по состанокот го рече ова:

„Европската комисија и Германија, како актуелен претседавач со ЕУ, не сакаат да дозволат билатералните спорови меѓу една земја-членка и земја-кандидат да се пренесуваат на европско ниво. Бугарија беше единствена од 27-те земји членки на ЕУ која денеска го блокираше усвојувањето на Преговарачката рамка за почеток на преговорите со ЕУ на Северна Македонија… Сега не е време билатералните проблеми, кои во ова кратко време не успеавме да ги решиме, да ги пренесуваме на европско ниво. Мора како ЕУ да испратиме јасен сигнал на доверба кон Западниот Балкан, и притоа, како на Северна Македонија, така и на Албанија, кои многу сработија, да им го отвориме патот кон ЕУ“.

Според Дојче веле Рот ги групирал бугарските барања во две групи. Во првата група, според него, е бугарското барање за користењето на уставното име на државата и забелешката за именувањето на македонскиот јазик во документите на ЕУ, а во втората група „се редица други прашања од билатерален карактер“. Според германскиот дипломат мора да се одлучи што е тоа што треба да се расчисти на европско рамниште, а што ќе се решава билатерално меѓу двете земји.

Во неговата изјава никаде нема тврдење дека морало да се заштитат интересите на Бугарија на штета на Македонија.

Рот јасно кажа дека сите земји освен Бугарија биле за отворање преговори со Македонија, но Мицкоски се обидува да протурка теза (веројатно од некого дошепната) дека била поддржана и од Грција „која нѐ опомена дека и тие се малку немирни затоа што немаме целосно исполнување на договорот со нив“. Па додаде: „Така што, не би рекол дека Бугарија е изолирана. Напротив, ние сме изолирани“.

Точно е дека Преспанскиот договор не е целосно исполнет, но „вината“ е кај двете страни. Мицкоски можеби не знае дека уште во септември грчките медиуми пишуваа дека владејачката Нова демократија не може да најде известувач кој ќе зборува позитивно за Преспанскиот договор во трите меморандуми што треба да ги усвои грчкото собрание. Изгледа кај десницата никој не се нафаќа да биде „жртва“ што потоа би можело да значи дека мора да се понесе висока политичка сметка. А изгледа дека на Нова демократија тоа ѝ одговара. Па, така, го одолговлекува од своја страна спроведувањето на нејзините обврски од Преспанскиот договор.

Не е Македонија изолирана, како што тврди Мицкоски, туку поверојатно е дека тоа е Софија, како што наведуваат бројни европски дипломати, поранешни бугарски министри и многу политички аналитичари. Најсвежата изјава е на Бојко Ноев, поранешен бугарски министер за одбрана во десничарската влада на Иван Костов и амбасадор во НАТО, од времето кога беше потпишана Декларацијата меѓу двете држави во 1999 година. „Факт е дека Бугарија падна во тешка меѓународна изолација  и тоа сите го признаваат. Во мојот дипломатски стаж не паметам Бугарија досега да била доведена во толку понижувачка позиција, да биде втурната во агол од самата себе, како аматер на меѓународната сцена“, рече Ноев за бугарските медиуми.

Интригантно прашање е од каде му стигнуваат наводните информации на Христијан Мицкоски, прво што се случувало на разговорите меѓу Екатерина Захариева и Бујар Османи, а сега на министерскиот состанок на ЕУ. Поранешниот германски амбасадор во Софија и Скопје, Клаус Шрамаер, во колумна за Дојче веле напиша неколку загадочни тврдења. Едното од нив е ова:

„Се чини дека Каракачанов не дејствува само под влијание на неговите предрасуди кон Македонците. Неговото шпионско минато и соработката со Волен Сидеров и Атака сугерираат дека тој ја игра играта на Москва. И се состанува во Скопје со претставници на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што ги загуби последните избори во Македонија. Партијата, во чии редови има просрпски, а оттука и проруски сили. Партијата чиј поранешен лидер се крие од прогон во прегратките на Виктор Орбан“.

Ова се сериозни тврдења на еден германски амбасадор, чие службување уште се памети и овде и во Софија. Немаше ниту еден демант на она што го вели Шрамаер, ни во Скопје ни во Софија. (Љ.П.)