Дамаск пред паѓање, Трамп порачува: Ова не е наша борба!

Лидерот на бунтовничката група Хајат Тахрир ал-Шам (HTS), Абу Мохамед ал-Јолани порача дека „падот на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад е многу близу“


Претседателот Доналд Трамп додека беше во Париз напиша пост на „Х“  околу ситуацијата во Сирија порачувајќи дека тоа не е битка на САД и тие ќе останат настрана.

„Опозициските борци во Сирија, во потег без преседан, тцелосно зазедоа многу градови, во мошне координирана офанзива и сега се на периферијата на Дамаск, очигледно подготвувајќи се да направат многу голем чекор кон отстранување на Асад. Русија, бидејќи е толку поврзана во Украина и со загубата таму на преку 600.000 војници, изгледа неспособна да го запре овој буквален марш низ Сирија, земја што ја штитат со години.

Ова е местото каде што поранешниот претседател Обама одби да ја почитува својата заложба за заштита на црвената линија во песокот и изби целиот пекол, со стапување на Русија. Ова е најдоброто нешто што може да и се случи. Никогаш немаше голема корист во Сирија за Русија, освен да направи Обама да изгледа навистина глупаво. Во секој случај, Сирија е хаос, но не е наш пријател, и САД НЕ ТРЕБА ДА ИМААТ ВРСКА СО ТОА. ОВА НЕ Е НАША БОРБА.  ДА ОСТАНЕМЕ НАСТРАНА. ДА НЕ СЕ ВКЛУЧУВАМЕ!- напиша Трамп.

Големите апетити на Русија практично издишаа откако не успева со години да ја порази Украина, не ја сакаат  ни во Грузија и секоја вечер протестираат, ја изгуби Молдавија, а сега ја губи и Сирија.

Лидерот на бунтовничката група Хајат Тахрир ал-Шам (HTS), Абу Мохамед ал-Јолани, во соопштение вечерва порача дека „падот на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад е многу близу“.

Тој ги повика своите борци да бидат „милосрдни“ кон цивилите додека ги ослободуваат териториите под режимот. „Стигнавте до прагот на Хомс и Дамаск, а соборувањето на криминалниот режим е пред вратите. Затоа, повторно ве советувам, браќа мои, да бидете милосрдни, љубезни и внимателни кон нашиот народ во градовите и селата каде влегувате како понизни освојувачи“, изјави Јолани.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес изјави дека не смее да се дозволи Сирија да падне во рацете на терористичките групи, додека џихадистите напредуваат кон престолнината Дамаск. Лавров ова го изјави по денешната средба во Катар со сојузникот на претседателот Башар ал Асад Иран и поддржувачот на џихадистите ,Турција, а целта на разговорот била да се спречи Сирија да заврши во хаос по исклучително брзото напредување на исламистите во последните денови.

„Недозволиво е на терористичка група да ѝ дозволиме преземање на контрола на територијата, при што се вршат важни договори“, кажа Лавров, повикувајќи се на Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации од 2015 во која, како што кажа, „силно се истакнуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и единството на Сириската Арапска Република“.
 

Амбасадорот на Србија во Сирија, ја напуштил земјата со целиот персонал на амбасадата, откако беше објавен повик српските државјани да ја напуштат Сирија.