Трамп силувал писателка во продавница за долна облека


Писателката Елизабет Џин Керол им кажа на поротниците во њујоршкиот суд дека Доналд Трамп ја силувал откако во 1996 година и се придружил во соблекувалната во луксузна стоковна куќа, објави Асошиетед прес. На почетокот таа мислеше дека помагањето на Доналд Трамп да купува долна облека како подарок ќе биде само „забавна работа“. Дури и кога, според Е. Џин Керол, тогашниот бизнисмен ја повикал да влезе во соблекувалната за да проба проѕирно боди, таа мислела дека се работи за некаков скеч како тие во „Во сабота навечер во живо“,  што таа го напишала.Но, по неколку минути, „секоја причина што бев жива во тој момент испари од таа просторија“, сведочеше Керол пред поротниците за време на судењето за силување.

„Тука сум затоа што ме силувал Доналд Трамп, а кога пишував за тоа, рече дека тоа не се случило. Лажеше и ми го уништи угледот, а јас сум тука за да се обидам да си го вратам

Без да биде присутен во судницата, Трамп повтори дека тврдењето на Керол за силување во 1996 година е целосна измислица, пишувајќи на својата социјална мрежа дека случајот е „измислена афера“.

„Ова е измама и лажна приказна – лов на вештерки“, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“. “Не врескаше? Нема сведоци? Никој не го виде ова? Никогаш не поднела пријава во полиција? ИЗМАМА!” напиша Трамп.  „Дали некој верува дека би однел тогаш речиси 60-годишна жена … во мала соблекувална и …“, додаде тој.

Трамп (76) рече дека не бил во продавницата со Керол и дека немал поим која е таа кога првпат ја раскажала приказната јавно во своите мемоари од 2019 година. Неговите зборови го поттикнаа судијата да ги предупреди адвокатите на Трамп дека мора да престане да дава јавни коментари за обвинението или ќе се соочи со повеќе правни проблеми.

Досега Трамп не присуствуваше на судењето, но неговите адвокати во вторникот рекоа дека тој сепак може да одлучи да сведочи. Судењето доаѓа во време кога Трамп повторно ја бара претседателската номинација на републиканците и неколку недели откако тој се изјасни за невин по обвиненијата поврзани со плаќања за купување молк на порно актерката Сторми Даниелс, која рече дека имала сексуален контакт со него. 

Керол (79) сведочеше дека го запознала Трамп во луксузната стоковна куќа „Бергдорф Гудман“ во неодреден четврток во пролетта 1996 година. Таа вели дека тој ја прашал за совет за избор на подарок за жена, а таа со задоволство се понудила да помогне.Била поласкана што Трамп побарал совет од неа, верувајќи дека од тоа ќе напише смешна приказна. Му предложила да подари капа, но Трамп отишол по долна облека. Забавно и флертувајќи со него, таа се согласила, смеејќи се дури и додека тој ја затворал вратата од гардеробата, можеби дури и откако ја притиснал на ѕидот. Но, тогаш, тврди Керол, Трамп и ја ставил раката преку устата, по што следел самиот сексуален напад, кој таа детално го опишала, додека се борела против него. Таа вели дека на крајот го оттурнала, побегнала и се обвинувала себеси со години.

„Секогаш се сеќавам зошто влегов таму  и се доведов во оваа ситуација“, им рече писателката на поротниците, а нејзиниот глас се тресеше.

Таа посочи дека со децении не кажала никому освен на две лица затоа што се плашела од одмаздата на Трамп, затоа што  се чувствувала виновна и што мислела дека многу луѓе ги обвинуваат самите жртви на силување за тоа што им се случило.Писателката бара неодредена отштета и бара повлекување на, како што вели таа, клеветничките коментари на Трамп.