Трамп прогласи победа, уште три гласа го делат од Белата куќа
Трамп вети дека ова ќе биде „златното доба“ на Америка
Само уште три гласа му недостигаат на републиканскиот кандидат Доналд Трамп за да победи на изборите во САД. Според резултатите од 44 држави од вкупно 51, каде што гласовите се пребројани, Трамп води со 267 наспроти 224 електорски гласови на Камала Харис, демократскиот кандидат, а има мнозинство од околу пет милиони обични гласови на Американците.
Трамп веќе објави победа во Флорида, каде што го следеше пребројувањето на гласовите.
„Ви благодарам многу. Добивањето на народниот глас беше многу убаво, многу убаво, ќе ви кажам“, рече тој.
Ниту еден републиканец, вклучително и Трамп, нема добиено мнозинство обични гласови на избори од Џорџ Буш во 2004 година, што ја прави реална објавената победа. Kажано во проценти, Трамп засега освои 51 отсто гласови на изборите, а Камала 47 отсто.
„Исто така, изгледа дека ќе ја задржиме контролата и врз Претставничкиот дом“, рече Трамп, сепак оставајќи простор дека можеби не е така. Како што беше објавено претходно републиканците ја презедоа контролата на Сенатот. Републиканската партија има мало мнозинство во долниот дом на Конгресот, а државите што сè уште не се пребројани ќе одредат дали тие ќе останат во водство.
‘A star is born… ELON!’
Donald Trump spent part of his speech focusing on Elon Musk and his SpaceX successes
#Election2024 pic.twitter.com/UOWKFyQbMe
— RT (@RT_com) November 6, 2024
На сцената во Вест Палм Бич, Трамп прогласи победа и вети дека ќе донесе „златно доба“ на САД.
„Ова беше движење какво што никој досега не го видел, и искрено, ова, верувам, беше најголемото политичко движење на сите времиња. Никогаш немало вакво нешто во оваа земја, а можеби и пошироко“, рече Трамп.
„И сега ќе достигне ново ниво на важност, бидејќи ние ќе и помогнеме на нашата земја. Ќе и помогнеме на нашата земја… имаме земја на која и треба помош, и многу ѝ треба помош. Ќе си ги поправиме границите. Ќе поправиме сè за нашата земја. И вечерва направивме историја со причина, а причината ќе биде само тоа што ги надминавме пречките за кои никој не мислеше дека се можни, и сега е јасно дека го постигнавме најневеројатното политичко нешто“, порача Трамп очигледно многу возбуден.
Тој продолжи:
„Сакам да му се заблагодарам на американскиот народ за извонредната чест да бидам избран за ваш 47-ми претседател и ваш 45-ти претседател, и на секој граѓанин. Ќе се борам за вас, за вашето семејство и вашата иднина. Секој ден ќе се борам за вас и со секој здив во моето тело нема да мирувам додека не ја испорачаме силната, безбедна и просперитетна Америка каква што заслужуваат нашите деца и каква што заслужувате вие. Ова навистина ќе биде златното доба на Америка“, рече Трамп.
ДЏ Венс, потпретседателот на Трамп, само кажа неколку зборови:
„Па, господине претседателе, ценам што ми дозволивте да ви се придружам на ова неверојатно патување. Ви благодарам за довербата што ми ја дадовте и мислам дека само што бевме сведоци на најголемото политичко враќање во историјата на Соединетите Американски Држави. Под водство на претседателот Трамп, никогаш нема да престанеме да се бориме за вас. за вашите соништа, за иднината на вашите деца и, по најголемото политичко враќање во американската историја, ќе го водиме најголемото економско враќање во американската историја под водство на Доналд Трамп“.
Трамп пак го дополни со фалби за Илон Маск, милијардерот и сопственик на социјалната мрежа „Х“ кој во голема мерка му ја донесе победата и потроши милиони долари за да и помогне на кампањата на поранешниот претседател да ја освои Пенсилванија.Последниот ден додека се гласаше неговата социјална мрежа беше претрупана со постови и повици од ботовите кон граѓаните да гласаат и најави дека за тоа ќе добијат од 100 до 10.000 долари како награда, нешто невидено досега во политички кампањи, вклучувајќи ги и САД. Практично место пропагандни постови се купуваа електронски гласови пред очите на јавноста.
„Тој е лик. Тој е посебен човек, тој е супер гениј“, изјави Трамп за Маск. „Мораме да ги заштитиме нашите генијалци. Немаме толку многу од нив. Мораме да ги заштитиме нашите супер генијалци“.
Останаа да се пребројат гласовите уште во шест држави, од кои четири клучни – Мичиген, Невада, Висконсин и Аризона, но во сите четири Трамп води.
Во текот на неговиот победнички говор вечерва, Доналд Трамп се фалеше дека Републиканската партија ја проширува својата коалиција во расни групи кои обично гласаат за демократите.
„Тие дојдоа од сите страни, синдикални, не-синдикати, афроамериканци, шпанци, Американци, азиски Американци, арапски Американци, муслимански Американци. Ги имавме сите. И беше прекрасно. Тоа беше историско престројување, обединување на граѓаните од сите потекла околу заедничкото јадро на здравиот разум“, рече тој на сцената .
И тоа всушност може да биде вистина, барем делумно. Иако сите гласачки ливчиња сè уште не се преброени, раните податоци покажуваат дека Трамп можеби навлегол меѓу некои групи, како што се Латиноамериканците, кои гласаа за Џо Бајден пред четири години.