Трамп подготвува голем пресврт во трговската војна, размислува за универзална царина


Американскиот претседател Доналд Трамп побара од своите советници да заземат построг став за царините додека администрацијата се подготвува за голем пресврт во глобалната трговска војна, објави во саботата Вашингтон пост, цитирајќи четири извори запознаени со ова прашање.

И покрај повиците од сојузниците на Волстрит и на Капитол Хил да му пристапат на прашањето поинаку, Трамп инсистира на сеопфатни трговски мерки со кои сака да ја преобликува американската економија, според Вашингтон пост, пренесе Ројтерс.

Според истиот извор, Трамп постојано им нагласувал на своите советници дека сака да продолжи да ги заостри трговските мерки, а неодамна ја оживеал идејата за универзална тарифа која би важела за повеќето увозни производи, без оглед на земјата на потекло.

Според „Вашингтон пост“, Трамп изразил жалење што не вовел пообемни царини за време на неговиот прв мандат и ги обвини своите советници што го убедиле да се откаже од планот. Сепак, не е сосема јасно колку сериозно се разгледува идејата за универзална царина.

Претседателот Трамп е убеден дека царините имаат корист за САД со тоа што ќе ги вратат работните места во производството и ќе ги зголемат владините приходи за милијарди долари, пишува Вашингтон пост.

Во петокот, Трамп рече дека е подготвен да склучи договори со земји кои сакаат да ги избегнат американските царини, но дека таквите договори ќе бидат можни само откако неговата администрација ќе објави реципрочни мерки на 2 април.