Трамп планира да испраќа мигранти во Србија, пишува Блумберг

Владата на американскиот претседател Доналд Трамп бара од Србија и другите балкански земји да прифатат мигранти депортирани од САД, пишува Блумберг.
Барањето до балканските земји е дел од пошироката американска стратегија за пронаоѓање странски влади подготвени да примат депортирани мигранти, пишува американскиот медиум повикувајќи се на неименувани извори, но не прецизира за кои други балкански земји станува збор.
Белата куќа, Стејт департментот и Министерството за надворешни работи на Србија сè уште не ги коментираа написите на Блумберг. Врховниот суд на САД минатиот месец ѝ дозволи на администрацијата на Трамп да го поништи привремениот правен статус на стотици илјади мигранти од Венецуела, Куба, Хаити и Никарагва кои живеат во САД.
Властите сега бараат потенцијални дестинации за оние мигранти кои може да бидат депортирани, пишува Блумберг. Тие медиуми исто така наведуваат дека Србија е важна за семејството Трамп поради облакодерите во Белград што ќе ги гради инвестициска компанија чиј основач е Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател.