Трамп: „Ова не е импичмент, туку пуч“


Американскиот претседател Доналд Трамп ја оцени истрагата за импичмент против него како „пуч“, додека демократите од Конгресот го обвинуваат државниот секретар Мајк Помпео дека ги блокирал напорите за собирање документи и наговарал сведоци да не сведочат.

-Од ден на ден се повеќе станува јасно дека ова што се случува не е импичмент. Тоа е пуч, со намера да се одземе моќта на народот, неговиот глас, слободите, вториот амандман, религијата, војската, ѕидот на границата и правата на граѓани на САД дадени од Бога“, напиша Трамп синоќа на својот Твитер налог.

Демократите во Претставничкиот дом водат истрага за импичмент на американскиот претседател, и според демократските стратези прашањето мошне набрзо треба да биде ставено на гласање. Гласањето за импичмент во долниот дом на американскиот Конрес, контролиран од демократите, всушност е обвинение против Трамп за „предавство, мито, или други криминални дела и прекршоци“.

Доколку биде изгласан со просто мнозинство, импичментот се префрла во Сенатот, тело што настапува како суд над обвинетиот државен функционер.

Инаку, генералниот инспектор на Стејт департментот се очекува денеска да оствари средба со комисиите за надзор, надворешни работи и разузнавање, при што ќе се разговара за документите што законодавците ги побараа како дел од истрагата во врска со спорниот телефонски разговор во јули помеѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Помпео во вторникот испрати писмо до Претседателот на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом во кое се вели дека барањата за документи од Стејт департментот за сегашни и поранешни функционери „може да се сфатат само како обид за заплашување и неправилно третирање“ на персоналот во одделот.