Трамп се закани дека ќе го отпушти Фаучи по изборите


Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека по претседателските избори може да го смени доктор Ентони Фаучи, еден од водечките американски имунолози и член на кризниот штаб на Белата куќа за борба против корона вирусот.

Несогласувањата меѓу Трамп и Фаучи се продлабочија за време на последниот, жесток бран на нови случаи на Ковид-19, поради што американскиот претседател денеска се пожали на Фаучи пред своите приврзаници, кои одговорија со скандирање „отпушти го Фаучи“.

Заблагодарувајќи се на предлогот, Трамп одговори дека одлуката ќе почека да поминат изборите.

Доктор Фаучи неколку пати го обвини американскиот претседател дека ги игнорирал неговите совети и откри дека не разговарал со Трамп повеќе од еден месец.

Фаучи предупреди дека Америка ја чека сериозна зима, доколку не се преземат дополнителни чекори што е можно побрзо за да се спречи понатамошното ширење на корона вирусот.