Трамп најави царини од 50 отсто за канадските возила, делови и челик од 1 јануари


Царините за увоз во САД на сите автомобили, камиони, автомобилски делови и челик од Канада ќе бидат зголемени на 50 отсто од 1 јануари 2027 година – изјави денеска американскиот претседател Доналд Трамп по неуспехот на трговските преговори со Канада.

– Произведувајте во САД и ЦАРИНИТЕ СЕ НУЛА. Канада повеќе нема да биде третирана како држава, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут сошл“.

Според податоците на канадската Влада, САД во моментов применуваат царина од 25 отсто за увозот на патнички и товарни автомобили и соодветните делови, согласно членот 232 од Законот за проширување на трговијата од 1962 година.

– Кога станува збор за трговијата, а и во други аспекти, тие се меѓу најтешките земји во светот за соработка. Сметаат дека имаат право на сè, а всушност нам не ни треба Канада, туку тие имаат потреба од нас, напиша Трамп.

Вашингтон и Отава во петокот доцна навечер не успеаја да постигнат трговски договор, при што двете страни меѓусебно се обвинуваа за неуспехот.

Канада се подготвува да воведе противмерки и царини за одредени американски производи како одговор на царините од 50 отсто што Трамп ги воведе за други канадски производи.

Американските царини засега опфаќаат канадска стока во вредност од околу 20 милијарди долари, што одговара на околу пет отсто од вкупниот увоз. Меѓу погодените производи се хокејски стапови, мебел, бакар и вино.