Трамп му кажал на Лавров дека не е загрижен за руската вмешаност во изборите
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп, на средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, што се одржа во мај 2017 година а на која присуствуваше и рускиот амбасадор во САД Сергеј Кисљак, изјавил дека не го засега руската вмешаност во претседателските избори, бидејќи САД „го правеа истотo во други земји“ – објави синоќа „Вашингтон пост“.
Како што јавува дописникот на МИА од Вашингтон, весникот, повикувајќи се на три извора, дознава дека соработници во Белата куќа биле алармирани од ваквиот коментар и ги сокриле од јавноста записите од средбата.
Според изворите, пишува весникот, меморандумот од резултатите на средбата бил со ограничен достап и тој документ можеле да го видат само неколку доверливи официјални лица.
Во мај 2017 година започна истрагата за можната вмешаност на Русија во претседателските избори коишто се оддржаа претходната година. Случајот беше воден од специјалниот обвинител Роберт Малер кој ја заврши истрагата во март 2019 година. Тогаш, државиот обвинител Вилијам Бар соопшти дека во текот на истражните постапки се дознало за повеќе обиди на агенти на Русија да влијаат на изборните резултати во полза на Трамп.
Притоа, Малер не успеа да покрене обвинение, бидејќи не можеше да најде индиции за заговор на кампањата на Трамп со Русија, и го предаде случајот на претрес во Конгресот.
Претставничкиот дом оваа недела покрена постапка за разрешување на претседателот Трамп. Демократите во конресот го сомненичат за обид да влијае врз предизборната кампања за изборите во 2020 година, со наводно ангажирање на странски ентитет, што во САД е противуставно, бидејќи се нарушува Законот за финансирање на изборна кампања.