Трамп ќе оди на отворањето на „Нотр Дам“ во Париз, покана има и Сиљановска


Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дека во сабота ќе отпатува во Париз за да присуствува на повторното отворање на катедралата Нотр Дам, која беше тешко оштетена од пожар пред повеќе од пет години, што ќе биде негово прво патување во странство по победата на изборите. 

Трамп ја пофали работата на францускиот претседател Емануел Макрон за реставрација на катедралата на социјалната мрежа „Truth Social“.

„Претседателот Емануел Макрон направи одлична работа за враќање на Нотр Дам во нејзиниот целосен сјај, па дури и повеќе. Тоа ќе биде многу посебен ден за сите“, напиша Трамп.

Нотр Дам повторно ќе биде отворена за туристите и верниците на крајот на оваа недела.

Покана за отворањето на катедралата има и македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова. На брифинг со новинарите рече дека се уште размислува дали да присуствува. Но, и покрај ова, се очекува таа да отпатува за Париз.