Трамп го загубил интересот за трговски договор со Кина
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека го загубил интересот за склучување американо-кинески трговски договор.
На прес конференцијата во Белата куќа Трамп беше прашан зошто не сака да разговара со кинескиот лидер Си Џинпинг, на што тој одговори дека Кина троши премногу време во преговорите за договорот, а тој лично, како шеф на државата, го загубил интересот за договорот, пренесе Тасс.
Трамп, исто така, беше запрашан дали е подготвен да ги врати серијата царини врз кинеските производи, на што тој возврати дека сега не е подготвен да зборува за тоа.
-Можам само да кажам дека Кина купува многу наши стоки, рече претседателот и додаде дека набрзо по првата фаза од договорот Кина соопштила за распламтувањето на корона вирусот во земјата. „Така што не сме задоволни”, рече американскиот претседател.
Претходно Трамп кажа и дека се откажал и од повторното разгледување на условите од првата фаза на договорот.
Според кинескиот весник „Глобал Тајмс“, неименувани советници претпоставуваат дека кинеските власти ја разгледуваат можноста трговскиот договор со САД да го прогласат за неспроведлив и да побарат поповолни услови. Но, Трамп реагираше дека не е заинтересиран за таква варијанта.
Согласно условите од првата фаза на трговскиот договор, следните две години Пекинг треба да купи американски стоки и услуги во вредност од 200 милијарди долари, а Вашингтон се согласи да почне постепено да ги намалува царините врз кинеските производи за американскиот пазар.