Трамп ги затвори и засолништата за загрозени лица во Македонија
Невладините што работат на женски и родови права во регионот со замрзнувањето на парите на УСАИД изгубиле околу 12 милиони долари само за годинава

Невладините организации во Македонија и во регионот ги проценуваат штетите од потписот на претседателот Доналд Трамп, со кој за еден ден ги замрзна сите програми на УСАИД во нашата држава. Целта на анализата не е за „да плачат“ за изгубените фондови, туку да посочат на последиците од запирањето на многу активности со кои влијаеја на подобрување на состојбите. Најмногу погодени се организациите што работат на заштита на родовите права, правата на жените и на ЛГБТКИ+ заедницата, а ефектот е дека некои од нив веќе се затвораат, се затвораат засолништа за лица жртви на насилство поради родови прашања, се откажува психолошка и правна помош, се загрозуваат програмите за лицата со попреченост и генерално се загризува напредокот во човековите права постигнат изминатите години.
Според проценките на невладините организации за женски права од 31 организација што биле анкетирани во регионот, најмалку 23 изгубиле финансиии во вредност од над 11,7 милиони долари или во просек 36 отсто од нивните буџети за 2025 година, додека пет загубиле 90 отсто од своите буџети. Бидејќи одлуката беше ненадејна и веднаш спроведена, последиците се поголеми и се проценува дека 56 вработени ќе бидат отпуштени, а над 200 активисти за човекови права ќе мораат да ги намалат своите работни часови, вклучувајќи психолози, социјални работници, адвокати и застапници.
Кратењата негативно влијаат на активностите за спречување родово базирано насилство, вклучувајќи сајбер насилство и трговија со луѓе, пристап до правда, правна психолошка и помош, пристап до здравствена заштита, поддршка за мигранти, застапувањето права на ЛГБТКИ+ заедницата и многу други. Веќе има податоци за загрозување на животи поради физичко насислтво и недостапност до здравствена заштита. Практично загрозени се сите активности, од мониторинг на состојбите и анализа, до финансирањето на засолништа за загрозените, пружање советувања, обезбедување економска поддршка, спроведување истражувања и давање експертиза за идни закони и политики и генерално теренската работа.
И сето тоа, според невладините организации, било дочекано со славење и помпа во дел од јавноста. Уште повеќе невладините оценуваат дека охрабрени од, според нив фашистичката и хомофобична администрација на САД, расте мобилизацијата на антиродовите организации во земјата кои шират хистерија и паника за наводна загрозеност од политиките за родова еднаквост.
„Нивната мобилизација сега е институционализирана и поддржана од самата власт и од општините“, оценуваат од невладините организации додавајќи дека не станува збор само за ширење говор на омраза кон нив и нивната работа, туку и за повици на насилство.
Како илустрација тие наведоа дека ваквите антиродови организации за еден ден испратиле 200 пријави до МВР против уметник заради постер чија цел била да го илустрира насилството што го трпел како детеве обвинувајќи го за педофилија, по што бил повикани на информативен разговор во полиција, додека стотиците нивни пријави не резултираат воошшто со некаква акција.
„Небезбедноста е повеќеслојна. Се намалува просторот за јавно дејствување се повеќе и се прави поделба на добри и на лоши невладини организации, при што не демонизираат како странски агенти “, наратив што, според нив, постоел и при претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Според нив ова не е удар само за нивните активности и политики, туку пошироко – тоа е удар за човековите права, за демократијата и за евроинтеграцискиот пат на државата. Притоа се посочува дека тие што нив ги осудуваат и се радуваат на кратењето на фондовите на УСАИД немаат транспарентни извори на финансирање, а некои не се ни официјално регистрирани и примаат пари на приватни сметки.