Трајко Славески ќе претседава со градскиот совет на Скопје


Со гласови на вкупно 26 советници поранешниот министер за финансии Трајко Славески денеска е избран за претседател на Советот на Град Скопје. Неговиот избор беше подржан од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса за Албанците / Алтернатива и двајцата советници на ЛДП и ДОМ. Против гласаа СДСМ, ДУИ и двајцата советници на Зелен хуман град.

Славески на функцијата доаѓа како носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, во Советот на Град Скопје ВМРО-ДПМНЕ има 18 советници, а СДСМ 12, ДУИ пет, Левица четири, а по две советнички места имаат Алијанса за Албанците/Алтернатива, коалицијата ЛДП/ДОМ и независните кандидати од Зелен хуман град.

Конститутивната седница се одржува во кино „Фросина” во Младински културен центар. На дневен ред се и избор на претседател и членови на Комисијата за верификација, мандатни прашања, признанија, претставки и поплаки на Советот на Град Скопје и  извештајот на Комисијата со верификација на мандатите на членовите.

Како еден од приоритетите во работата на Советот на Град Скопје се наметнува поголема транспарентност на овој важен градски орган. Да се надеваме дека ќе бидат транспарентни, во изминатиот мандат тоа не беше доволно застапено.