„Траги врз песок“ од Бојан Стефановски – конечно, книга-водич за успех и во Македонија

Кончено, книга-водич за успех на менаџери за продажба, инспириран од врвните спортски тренери, и во Македонија. „Матица македонска“ ја објави книгата „Траги врз песок“ од Бојан Стефановски. Книга во којашто се обединети белетристиката, фактите и мотивациските пораки – книга што треба да ја има и да ја прочита секој што сака да успее.
– „Траги врз песок“ претставува одличен водич за успех за сите амбициозни млади луѓе кои имаат желба, мотивација и волја да остават видливи траги зад себе. Силните пораки во текстот сигурен сум дека ќе создадат нови борци со победнички менталитет!, порачува спортската легенда, селекторот на Македонската ракометна репрезентација и ракометен тренер, Кирил Лазаров.
Промоцијата на оваа, прва ваква книга во Македонија ќе се случи утре, 11 јуни, со почеток во 19 часот, во English Pub – The Corner, кај Градскиот стадион во Скопје. Рецензенти на книгата се деканот на Економскиот факултет при УКИМ, проф. д-р Предраг Трпески, ракометниот тренер Кирил Лазаров, бизнис менаџерот Ѓорѓе Војновиќ и писателот Милован Стефановски. Музичката програма ќе ја изведат Александра Димитриевска-Колевска на виолина, Марија Михајловска-Јосимовска на виолочнело и Горан Папааз на саксофон, а модератор на промоцијата ќе биде актерката Софиа Насевска-Трифуновска.
– Во „Траги врз песок“, Бојан Стефановски му нуди на читателот бескрајни можности и инспирација за сопствено надградување. Ја назначува потребата од широкиот поглед кон светот, кон опкружувањето, континуираното учење и посветеноста кон остварувањето на целите што впрочем е една од главните карактеристики на врвните тренери. Она што го привлекува вниманието на читателот е погледот кон себеси, фокусираноста исклучиво во сопствениот двор, како да се биде подобар од себеси, секој ден!, посочува Кирил Лазаров.
Ова е книга со која читателите можат да уживаат во внимателно одбраните цитати од голем број истакнати тренерски имиња, кои преку своите мотивациски пораки кон спортистите можат да допрат до многу други различни области, како во конкретниот случај продажбата. Израснувањето во успешен менаџер за продажба на главниот лик потпомогнато од неговите ментори тренерите се должи на интелектуалниот капацитет, студиозниот пристап, анализа на деталите, следење на конкурентите, одржувањето на континуитет во резултатите и на решителноста и храброста да се донесат вистинските одлуки. Секој што сака да донесе вистински одлуки, соодветно би било да ја прочита и оваа книга.
– Успешен тренер или менаџер може да биде само оној кој има своја визија, свои цели и кој ќе формира тим од талентирани играчи кои се гладни за успех, вели Кирил Лазаров во својата рецензија за оваа книга што отвора нови хоризонти за сите што сакаат да успеат во бизнисот, и во Македонија, и каде и да е.
Книгата веќе е достапна во книжарниците на „Матица македонска“.