Трагедијата на изманипулираната нација

Најголемо изненадување во периодот на промени е нашиот примитивизам. Најголемо разочарување е молкот на учените луѓе. Полоши од нив се само соучесниците во трагедијата на најголемата манипулација на македонската нација


Многу се поинтересни и посодржајни секојдневните, да ги наречам, кафе муабети, без микрофони и камери, за политиката, за состојбите во Македонија, за прогнозите кој ќе победи на изборите, кој ќе биде претседател на државата, а кој премиер, отколку надвикувањата со лошо глумење на некаква загриженост и лутина на бројните целодневни и целовечерни телевизиски дебати. Во последно време сѐ почесто наликуваат на бура во чаша вода предизвикана од истомисленици.

Никој не може подобро да разјасни од кафеанскиот дух и смисла за хумор што сакал да каже Христијан Мицкоски, а што Димитар Ковачевски, или колку убаво ќе ѝ прилега функцијата претседател на државата на Гордана Силјановска-Давкова, но и зошто треба да си продолжи со работа уште еден мандат Стево Пендаровски. Каква и кому праќа порака Али Ахмети кога вели по 8 мај опозицијата подготвува руско сценарио со немири. Ахмети вели на изборите ќе се гласа за Русија и за Европа.

Не помалку интересна и значајна е определбата на албанската опозиција и на Арбен Тарвари претседателскиот кандидат дека не се можни постизборни коалиции со партии кои нема да го прифатат безусловно продолжувањето на преговорите со ЕУ. Демек, со ДУИ никако, но и со тие што ги попречуваат преговорите и членството во ЕУ. Така е пред изборите, ќе видиме како ќе биде по изборите. Во тие денови на тазе освоена власт многу ветувања паѓаат во вода и се обновуваат старите партнерства, а се склучуваат и нови, за кои многумина мислат дека се невозможни. Љубовта кон власта прави големи чуда.

Во кафулињата и кафеаните надвикувањата и досетките се стил и „ораторство“, на телевизиите најчесто се какофонија, а на социјалните мрежи, освен само во неколку случаи, односно во неколку релевантни медиуми и автори, во сѐ друго преовладува валкана пропаганда полна со лаги, навреди и клевети, каде ретко кој полемизира со напишаното. Ниските удари се „ад хоминем“, фронтален напад по авторите и нивно навредување и сатанизирање, а не по содржината на напишаното, што обично е доказ дека тоа вреди да се прочита. Партискиот предизборен натпревар е поблиску до уште една трагедија на една изманипулирана нација, отколку кон нејзино освестување да го дооди преостанатиот дел кон цивилизираниот демократски свет каде што припаѓа.

Кафеанските дискусии, па дури и кавги, имаат подобар шмек и се повозбудливи од здодевните интелектуализирања, кои најчесто се сведуваат на простачки надвикувања на разни независни експерти и аналитичари кои брзо се разоткриваат како огорчени политички и партиски противници. Обично тука има и по некоја „корисна будала“ во улога на лош партиски адвокат или обвинител. Додека пак водителот се впрегнал да биде неутрален судија, но мака мачи да го сокрие уплавот од газдите, чиј став одлично го знае. Тој притисок секогаш се провлекува и излегува на виделина.

Не е време за неутралност

Секоја чест на ретките исклучоци кои се избориле за независна позиција, дури и во партиски определени медиуми. Тие водители, за жал, заглавуваат во потрагата по авторитетни интелектуалци, балансирајќи некаква неутрална дебата. Резултатот е многу здодевно и тешко разбирливо „филозофирање“, оти времето не е за неутралност, туку за силна определба кон Европа.

Позната е формулата како се релативизира најзначајниот историски приоритет на државата – членството во ЕУ. Прво оди фронталната негација дека никој не е против евроатлантските интеграции на државата. Веднаш потоа следува додавката – но по која цена, дали треба да се прифатат грчкиот и особено бугарскиот диктат, протекционизмот на Европа, лажната поддршка на Америка? Потоа следува патриотскиот вознес – каде ни е достоинството и националната и човечка гордост да се прифати вакво понижување?

Кога едно по друго реалноста и настаните ги демантираат овие тврдења, пропагандистите од поништување и подобрување на договорите со соседите и преговарачката рамка со ЕУ се префрлаат на темите за организираниот криминал и корупција, за владеењето на правото… Ако и тоа не е доволно, тогаш се разгоруваат прашањата за меѓуетничките односи. Многу е податлива темата за Македонците како потчинети граѓани од втор ред во сопствената држава, а не помалку за загрозените и недоволните демократски права на Албанците да имаат претседател на државата и премиер и така секој ден ново изненадување во подземните битки за власт.

Тука не помагаат многу аргументите за состојбите по сите овие прашања во државите кои се веќе од поодамна членки на ЕУ и НАТО. Таму сѐ уште се актуелни темите за организиран криминал и корупција, за нарушени демократски права, за притекционизмот на Европа и експлотацијата од стара Европа врз новите членки, за блокадите на одлуките на Брисел и милион други за нас прилично познати, но и многу непознати судири, особено околку милијардите евра и разни видови субвенции. Разликата е во тоа што тие се веќе членки на ЕУ, а ние сме сѐ уште во чекалницата, што е вселенска разлика до каде може да се оди. Но заклучокот е јасен – прво треба да се стане членка на ЕУ, па потоа кога ќе се седне на иста маса оправданите барања добиваат поинакви димензии.

На чија страна треба да бидат новинарите

По безмалку половина век поминати во новинарството во повеќе редакции, во два, или поправилно кажано во три различни општествено политички и економски системи, во период кој припаѓа на два века и на два милениума, во возбудливи и интересни години на тектонски и револуционерни промени, од денешна историска дистанца што е тоа што можам да издвојам како најголемо изненадување и разочарување, гледано само од новинарски агол и сведоштво на едни бурни времиња? Прифајќајќи ја тезата на Албер Ками дека новинарството треба да биде пред сѐ сведоштво не толку за достигнувањата на тие што прават историја, туку за тие што страдаат од таа историја, можам да кажам дека најголемото изненадување не беа промените и војните при распадот на Југославија, ниту пак прогласувањето на независност и самостојност на Македонија. Тие настани имаа свои историски околности кои го навестуваа крајот на потрошениот историски модел.

Долгите расправи и меѓусебните обвинувања навестуваа предвидлив крвав распад. Истото претходеше и на политичките промени што ја зафатија цела Источна Европа. Може многумина нема да се сложат, но најголемо изненадување во целиот период на големите промени беше и сѐ уште е нашиот примитивизам, провинцијализмот и незнаењето. Знаев до некаде дека ги немаме тие потенцијали кои се глорифицираа во социјализмот, ама не верував дека толку сме заостанати за луѓето да можат да ги месат политички шарлатани и алчни моќници. Најголемо пак разочарување ми е молкот на учените луѓе, на научниците, на универзитетските професори, писателите, поетите, актерите, новинарите, успешните деловни луѓе, она што го викаме, веројатно многу погрешно, интелектуални елити.

Полоши од нив и поразочарувачки се само оние кои станаа соучесници во трагедијата на најголемата и најлоша манипулација на македонската нација, плашејќи ја со изгубен идентитет, јазик, национална припадност, знаме, име, историско минато, асимилација, бугаризација и жестоки обвинувања за велепредавство на националните и државни интереси на сите што застанаа на праведната страна на историјата и ја гледаат Македонија во западноевропската цивилизација и географски и демократски и културно и економски.

Може ли ова тврдење да се аргументира со факти? Се разбира дека може, но ако тоа сами не го гледате и не го чувствувате, тогаш веќе сте добро измесени во тестото. Прво да почнеме од тоа колкава е навредата ако некој тврди и докажува секој ден јавно дека ви е доведен во прашање идентитетот и сѐ што ја сочинува идентитетската посебност, национална припадност, јазик, писмо, култура, историско минато, име, дека сте веќе во фаза на асмилиација, бугаризација. Дали тоа значи дека било толку лесно само поради потпишани договори со соседите да го изгубите идентитетот да се асимилирате и да станете Бугарин? Толку ли се плитки темелите на идентитетот на Македонците? Ќе потпишеме договори со комшиите и оп, отиде идентитетот, ќе исчезне македонскиот јазик, ќе го снема. Наместо да зборуваме македонски дали ќе лаеме?

Може ли да се избрише минатото

Ќе ги снема ли и милионите книги напишани на македонски јазик со уставните промени? Ќе ги снема ли научните лигвистички докази за македонскиот јазик, ќе се избрише ли од индоевропската мапа на јазици? Така ли е, или не е така? Ќе ни ја избришат историјата домашните предавници? Може ли да се избрише историја? Имало и има многу обиди да се пишува разубавена историја, да биде што пославно минатото. Но секогаш тоа трае до одредена историска дистанца, кога ќе се појават историчари кои не произведуваат опиум за народот, туку наука без политичка интервенција. Тоа што било, никој не може да го избрише, само се потребни докази кои науката единствено ги признава дека нешто се случило. Може тоа да потрае долго, со децении или стотици години, но еден ден вистината ќе се разоткрие. Има историски настани кои остануваат вечно неразјаснети и така се третираат во вистинската наука.

Каква е таа фобија што ни се наметнува, за жал и прифаќа, како опасност од асимилација во сопствена држава на мнозинскиот народ затоа што заедно со уште десет делови од народи ќе бидат застапени и Бугарите во македонскиот Устав? Ако не се креваат тензии и застрашувања, брзо би се сознало како ординарна глупост и уште една тешка навреда за кревкоста на националната припадност на Македонецот ако поверувате дека со влезот на Бугарите во Уставот, истиот ден Македонците со бугарските пашапорти, распослани по светот во потрага по егизистенција, ќе станат Бугари.

Името на државата, што е со името? Во светот има само една држава која во името го има клучниот збор Македонија. Ниедна друга. Тоа е нашата држава. Географската одредница, страна на светот, е додавка и ништо повеќе. Таа не одредува национална и јазична припадност како што не одредуваа и додавките федерална, народна, социјалистичка, поранешна југословенска што во своето име ги имаше Република Македонија во различни историски периоди. И конечно, дали е подобро овие компромиси да се избришат кога ќе станеме членка на ЕУ, или да се избришат сега и да не станеме дел од европското семејство?

За политичарите кои ги шират овие опасни застрашувања и манипулации во битките за власт својствени на десните и леви екстремисти и радикали човек може и да ги разбере ако навистина играат на картата дека тоа е само за да се освои власта, а штом се седне на престолот ќе се прифати реалноста на ратификуваните договори и на преговарачката рамка со ЕУ дека тие се неменливи. Тешко е да се признаат стратегиските грешки и трагичните последици од децениско доцнење што ги направи ВМРО-ДПМНЕ во попречувањето на државата да стане членка на ЕУ и НАТО. Но, најразочарувачки е молкот на голем број јавни личности, авторитети во науката, културата и деловниот свет, кои можат да дадат огромен придонес да се разобличи таа самоубиствена измама која ја уназадува и изолира Македонија од напредниот свет.

Во нивно отсуство, во празниот простор се појавија желни за слава и евтин патриотизам личности кои создаваат јавна атмосфера која оневозможува јасно да се видат работите и сѐ она што го чини можно злото. Сето тоа остава трагични последици за иднината на државата и севкупните односи и поделби во земјата.

(Линк до текстот во Дојче веле овде)