Традиционалниот Саем на студии во Франција во НУБ
Во понеделник, 28 октомври, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје ќе се одржи традиционалниот Саем за студии во Франција, информираа од Францускиот институт во Скопје.
Настанот ќе биде отворен за посетители од 11 часот, додека официјалното отворање е закажано во 12 часот.
Саемот претставува настан за средба на македонските средношколци, студенти и универзитетски професори кои сакаат да го продолжат своето високо образование во Франција или пак да остварат универзитетска соработка.
„Ова е одлична можност да се добијат сите потребни информации за понудата на студиски програми директно од претставниците на француските универзитети присутни на саемот, како и информации за стипендии, студиски програми на англиски јазик и сите аспекти на студентскиот живот во Франција“, велат од Францускиот институт во Скопје, кои се организатори на саемот заедно со француската Агенција за високо образование Кампус Франс.