Тошковски за интерпелацијата од ДУИ: Низок обид за манипулација, Собранието ќе постапи како што смета
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оцени дека интерпелацијата што ја поднесе за неговата работа опозициската ДУИ е „низок обид за манипулација на јавноста“, истакнувајќи дека Собранието ќе постапи како што смета.
На новинарско прашање Тошковски рече дека тезите коишто се поставувале во изминатиот период од страна на опозицијата, а особено од страна на ДУИ, сами по себе се контрадикторни.
-Македонскиот граѓанин, македонскиот народ многу добро знае што стои зад оваа интерпелација од аспект на нивно барање. Нека им е со среќа. Собранието ќе си постапи во насока на она што смета. Јас искрено сметам дека ова е еден низок обид за манипулација на јавноста, рече министерот Тошковски, по средбата со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ.
Пратеничката група на Европскиот фронт, вчера поднесе интерпелации за министерот Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени, кои, како што велат, се главно одговорни за инцидентите на Денот на албанското знаме.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ Блерим Беџети на прес-конференција рече дека Тошковски и Исени, на денот на празникот на албанското знаме, како одговорни лица, и наредиле на полицијата на невиден и неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците.
-Оваа интервенција предизвика непотребни тензии и ја поткопа атмосферата на мир и меѓуетнички соживот. Полицијата наместо да го одржува јавниот ред и да ги почитува правата на граѓаните да го прослават овој ден, поттикна конфронтации и ескалација на тензии. Ова неменаџирање на ситуацијата настана поради неспособноста и непрофесионалноста на министерот за внатрешни работи и неговиот заменик, рече Беџети.
ДУИ поднесе интерпелации и за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ и достави барање на наредната седница на Собранието на дневен ред да биде ставена информација безбедносната состојба во земјата.