Тошковски тврди едно, дијаспората друго


 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера фрли уште една „бомба“ во јавноста тврдејќи дека над 100.000 граѓани на Македонија кои немаат важечка лична карта, но имаат пасош со старото име на државата, нема да можат да го остварат своето основно право на глас на следните парламентарни и претседателски избори. Станува збор, според него, за граѓани резиденти над 18 години кои сѐ уште не извадиле лична карта и единствено со пасош може да се легитимираат во рамки на изборите за остварување на своето право на глас.

Наспроти неговото тврдење, Обединетата македонска дијаспора ги повика сите иселеници што имаат македонски патни исправи со старото име да се пријават да гласаат на изборите во Македонија, така што испаѓа дека за нив може а за тие во државата не, или Тошкоски создава нова драма без основа.  

„Обединета македонска дијаспора ги повикува сите Македонци кои живеат надвор од Македонија, независно од обновата на своите пасоши доколку нивното временско траење е сѐ уште валидно, да се регистрираат за гласање на претстојните избори и да ја конкретизираат валидноста на изборите во државите во кои тие живеат. Како членови на различи македонски заедници ширум светот, сметаме дека овогодинешните избори се клучен фактор за дијаспората да добие глас во татковината кои би можел да придонесе за нејзиното институционализирање и имплементација на Националната стратегија за дијаспора која е клучна во тој процес.

Македонија за прв пат го олесни тој процес и дефинираше конкретни чекори со детални претставувања на Македонците и нивните регистрирани гласачки права. Затоа, ние како организација го објаснивме истиот процес на два јазика – македонски и на англиски и истиот го доставуваме насекаде“, стои во дописот на ОМД.

Од почетокот на годинава до денес има поднесено 216.000 барања за пасоши од цела држава плус оние од дијаспората. 95.000 барања се во јануари, а 121.000 во февруари. Само во Скопје, во јануари имало околу 26.000 барања за пасош, а во февруари 47.000 барања. За денес е најавено пристигнувањето на уште 85.000 обрасци за пасоши. 

Во однос на патувањето со стари обрасци, од досегашните официјални информации само Босна и Херцеговина излезе со став дека нема да дозволува влез и движење на своја територија со старите обрасци на лични документи, а таква информација за Црна Гора нема.

Откако вчера не беа изгласани измените на Законот за патни исправи, техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека одговорност мора да има за оние кои го направиле хаосот со пасошите. Според него, неприфатливо е тоа што СДСМ и ДУИ вчера не ги изгласа измените, поради што, граѓаните на земјава се, како што рече во домашен притвор. Вчера практично не помина ни како точка на дневен ред расправата за измените на Законот за патни исправи кои требаше по барање на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да влезат во брза процедура за гласање.

Но, од Собранието посочуваат дека нема пречка такво барање да влезе во редовна процедура, иако е прашање дали и тогаш ќе го помине прагот на гласови за да се најде на дневен ред за расправа. Министерот Тошковски слична иницијатива покренал и во владата и таа треба да реши дали да ја проследи до Собранието на разгледување или не. Како и да е, дури и да помине иницијативата на Владата, расправата може да трае толку долго што кога ќе заврши сите ќе имаат нови пасоши во Македонија. 

Неофицијално во ЕУ, пак, се разговара сепак да се најде начин како да им се излезе во пресрет на македонските граѓани додека трае кризата со издавањето на документите. На каков начин, сѐ уште не се знае, освен дека наспроти јавните драми на министерот за внатрешни работи, дипломатијата тивко работи на решение.  

Инаку, дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев возврати на  барањата за измените на законот и најавите за барање одговорност оценувајќи дека тие се  во насока на собирање политички поени пред граѓаните. Според него, гужвите полека се средуваат со тоа што постојано стигаат нови обрасци.

„Гледате дека обрасците стигаат, граѓаните се услужени, сѐ функционира како што треба. Ниту има саботажа, ниту има хаос. Имаше само лажна пропаганда и собирање на политички поени со укинување на Преспанскиот договор што ги доведе граѓаните во заблуда“, порача Бојмацалиев.