Тошковски пропадна во морална јама, велат од СДСМ

Вчерашната емотивна и драматична оставка на советничката на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кочани е морален пораз за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, велат денеска од СДСМ. Од опозициската партија велат оставката од морални причини за трагедијата е она што требаше да го направи Тошковски.
„По најголемата трагедија во државата којашто се случи во Кочани требаше да има морална одговорност на оној кој бил на чело на институцијата којашто била задолжена за безбедноста, а тоа е Министерството за внатрешни работи.
Кривичната одговорност е нешто што треба да го утврди истрагата, за сите инволвирани. Но, за вакви трагедии мора да има чувство и за морална одговорност“, велат од СДСМ.
Советничката од Кочани, Кристина Атанасова-Арсова, чиј син е еден од повредените во дискотеката и уште е во болница, вчера емотивно зборуваше дека градоначалникот (од ВМРО-ДПМНЕ) и раководството на нејзината партија се грижеле само за себе и своите функции, а не за градот и неговите жители.
СДСМ и во денешното соопштение укажува дека има селективност во досегашниот тек на истргата. Сѐ уште не се бара никаква одговорност од оние кои кобната вечер биле на функции и директно одговорни за превенцијата, безбедноста и соодветната реакција а се под надлежност на МВР.
„Вечерта на трагедијата, постоеле одговорни раководители во ОВР Кочани, СВР Штип и БЈБ кои биле на позиција. Имало полицајци на лице место – виделе што се случува, имале увид во состојбата, знаеле дека има малолетници, пиротехника но не презеле ништо. И денес, никој од нив не е опфатен со истрагата.
Дури и дозволата за употреба на пиротехнички средства – директна причина за пожарот – паѓа под надлежност на МВР. А од МВР, ниту еден актуелен функционер не е осомничен.
Зошто нема одговорност за дежурните полициски службеници, раководители и функционери? Зошто се гонат лица кои воопшто не биле надлежни во моментот на трагедијата, а не оние што требале да реагираат и спасат животи?“, прашуваат од СДСМ.