Тошковски по стапките на Филков, ќе магистрира на тема од работата на МВР


Панче Тошковски (Фото: Б. Грданоски)

По неодамнешното откритие за скандалозната злоупотреба на функцијата министер за правда за напредување во академската кариера на Игор Филков, следи уште едно, овојпат на министерот за внатрешни, Панче Тошковски.

Тема на трудот е „Криминолошки и компаративни аспекти за унапредување на безбедноста во јавниот сообраќај “ од кандидатот Панче Тошковски, студент на втор циклус студии – казнено право. За менторка се предлага професор доктор Гордана Лажетиќ, пренесе Цивил.

Овој случај води кон прашањата поврзани со границите меѓу академската работа и политичките функции. Темата на трудот на Тошковски се совпаѓа со ресорот што го води како министер. Тоа ја доведува академската независност под сериозен и оправдан сомнеж дека се работи за судир на интереси, иако проблем е самото тоа што министерот решил да магистрира токму кога е на функција и кога може да влијае на тоа дипломата да му биде подарена. 

Всушност, првиот полицаец оди по стапките на првиот човек на правдата во земјата, односно заедно чекорат по истиот пат, за што неодамна пишуваше 360 степени.На истата седница на Научно-наставниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, се решава и за академскиот труд на министерот за правда Игор Филков кој треба да ја одбрани својата магистерска работа на темата „Креирање стратегии во сферата на правосудството како надлежност на Министерството за правда“. Таа тема е директно поврзана со неговата работа како висок функционер – министер во Владата на Мицкоски.

Се поставува прашањето – што прават двајца министри во клучни ресори во владата, работат или ја градат својата академска кариера врз основа на функциите и ресорите што ги држат и во време кога ги држат? Делењето дипломи додека се на власт е синдром одамна регистриран кај ВМРО-ДПМНЕ, а со такви дипломи не е ни чудно како функционира и пропаѓа државата.