Тошковски: Имавме хибридни напади од повеќе страни

Факт е дека во Македонија имаме хибриден напад во изминатите неколку месеци, од повеќе страни, на повеќе полиња имаме загрозување на одредени витални точки во државата, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, посочувајќи дека МВР постапува и дека во овој момент не може да изнесе повеќе детали во јавноста.
Прашан дали има некоја нова трага или осомничени за центрите на моќ, кои според реториката слушаме дека стојат зад пожарите, Тошковски, само кратко одговори „да, имаме“, без да даде повеќе детали.
-Хибридни закани е поим што многу често се користи во рамки на научна мисла и во рамки на праксата, особено од страна на безбедносни служби. Факт е дека во Македонија имаме хибриден напад во изминатите неколку месеци, од повеќе страни, на повеќе полиња имаме загрозување на одредени витални точки во државата. Тоа сите го гледаме. Тоа го гледа македонскиот народ, тоа го гледате вие новинарите, тоа го гледаат и институциите. Дали постапуваме? Постапуваме. Дали можам дополнително да изнесам информации во јавност во овој момент? Не, изјави Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања по 16-та меѓународна научна конференција „Системска корупција – најголемата безбедносна закана: Безбедносно-стратешки пристапи за решавање на сложените предизвици“, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје.
Прашан дали е утврдено кои се центрите на моќ кои стојат зад пожарите, Тошковски вели дека повеќе детали во овој момент не може да сподели.
Прашан како МВР се справува со корупцијата, Тошковски вели дека се работи многу на тоа поле и дека огромен број на случаи и процесни дејствија се преземени од Одделот за внатрешна контрола во изминатата година.
-Гледаме резултат од тоа, во насока на процесуирање на сите оние постапки во рамки на МВР, соодветно санкционирање на оние коишто нечесно, непрофесионално, недостоинствено и коруптивно се однесуваат во рамки на внатрашените редови на МВР и покажуваме дека навистина имаме јасна визија во тоа, дека во иднина местото на професионалците, на чесните и оние кои си ја сакаат Македонија е во рамки на МВР, останатите не треба да се дел од безбедносните структури, изјави Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања по 16-та меѓународна научна конференција „Системска корупција – најголемата безбедносна закана: Безбедносно-стратешки пристапи за решавање на сложените предизвици“, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје.
Во однос на фемицидот во Велес и дали се прави контрола за тоа како постапувала полицијата, Тошковски вели дека внатрешна контрола постапува и штом ќе биде завршена работата јавноста ќе биде информирана.
Во однос на реакциите на ДУИ за полициските униформи на македонски јазик и дали ќе има двојазични, Тошковски, вели дека тој закон е донесен од 2018 година и ДУИ имале можност во минатото да покажат негова имплементација.
-Во она коешто се преземаат како чекори од наша страна, во целост постапуваме согласно закон и согласно важечките правилници. Повторно ќе кажам дека овој правилник е донесен во времето кога власт во Македонија беа ДУИ и СДСМ, изјави Тошковски.
Прашан за реакциите по интонирањето на албанска наместо македонска химна пред фудбалски натпревар во Желино, Тошковски вели дека законот во Македонија е јасен и треба да се применува, и секој којшто не го применува ќе сноси соодветни санкции во рамки на законот.
-Како за сите претходно, така и за овој настан, доколку се утврди во рамки на доказна и процесна постапка дека имаме прекшрување на законот. Еднаш засекогаш во Македонија треба да сфатиме дека тоа што сме се договориле да го имплементираме, а е ставено во закон, мораме да го почитуваме, изјави Тошковски.