Тошковски го претвора МВР во параполициски апарат, обвинува СДСМ


Единицата „Тигар“ (Фото. Б. Грданоски)

 

Опозициската СДСМ изрече сериозни квалификации за измените на Законот за полиција, ибвинувајќи дека министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, оди по стапките на Никола Груевски и сака партиска полиција под своја контрола.

Според СДСМ, во овие законски измени нема реформи, туку „Тошковски го претвора МВР во параполициски апарат за заштита на криминал и партиски интереси на ВМРО-ДПННЕ. Класичен рецепт за полициска држава“.

Оттаму тврдат дека предлог-законот за полиција којшто Тошковски го предлага е опасен, антиевропски и длабоко корумпиран, со многу скандалозни измени кои потврдуваат дека целта е целосна партизација на полицијата.

„Тошковски ги урива и драстично ги намалува критериумите за образование и искуство за највисоките оперативни позиции во полицијата. Го елиминира кариерниот систем, дури и началник на СВР по рецептот на Тошковски да може да биде било кој што тој ќе одлучи.

Ги укинува регионалните гранични центри, што е директен удар врз контрола на границите. Сака да овозможи бришење на полициски податоци – што е опасен механизам за прикривање на криминал.

Тошковски ги дискриминира младите – со подигање на старосната граница се отвора место само за партиски вработувања во полицијата. Го брише членот што спречува вработување на осудени лица – полицијата станува прибежиште за криминалци.  Ова не е ништо друго туку правење партиска милиција под капата на Тошковски“, вели опозициската партија.

СДСМ бара итно повлекување на предлог-законот.