Тошкоски: Институциите ќе се ослободат од луѓе што не ѝ мислат добро на државата


 

 Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на платформата „100% посветени за тебе на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“ денеска во Владата, рече дека во овој краток временски период  докажале дека предмети кои се од висок интерес ќе бидат процесуирани во рамки на законско утврдена постапка и оти конечно криминалците ќе бидат таму каде што им е местото.

„Една од позитивните работи што морам да ги истакнам во рамки на МВР, е дека сѐ уште има луѓе кои си ја сакаат Македонија и луѓе кои се професионалци и сакаат да работат за интересите на државата. И тоа е она што треба да биде позитивен сигнал и за македонските граѓани, односно со професионална, чесна и посветена работа. Докажавме дека и во овој краток временски период предмети кои се од висок интерес ќе бидат процесуирани соодветно во рамки на законско утврдена постапка, и конечно криминалците ќе бидат таму каде што им е местото, а институциите ќе се ослободат од луѓето кои не и мислат добро на оваа држава и кои ја злоупотребувале оваа држава за свој личен интерес“, нагласи Тошковски.

Министерот тврди дека кога дошол на функција, затекнал катастрофа во работењето на Министерството.

„Она што го затекнав беше катастрофа од многу аспекти, од функционалноста на работењето на Министерството, и кога ќе начекате таква круцијална институција во таква состојба каква што ја начекав јас, тешко е да дојдете до вистински резултати во борбата против високата корупција и организираниот криминал… Но, за среќа, мислам дека тоа е и на очиглед на јавноста, покажавме дека дури и за овој краток временски период и со овие ресурси со кои располагаме, дека можеме да видиме одлично сработен предмет каде што еден врховен судија и еден член на Совет на јавни обвинители повеќе не се дел од рекетарски систем што институционално си го граделе многу години наназад, и со правосилна пресуда, повеќе не се дел од институциите и нема да ги рекетираат македонските граѓани во иднина“, посочи Тошковски.