Топло-ладно

ЛЕЈЛА САБИТ

Дамата во сино како морски или езерски бран тивко се повлекува и ѝ отстапува место на златната дама која потемнета од сонце ќе доминира нареднава сезона на кафеавиот моден и животен килим.

Есента дрско тропа на вратата на Македонија, се уште не сака да ги избрка сончевите зраци од нашите улици, планини, кафе-дружења и гардеробери.

Како превртлива, а убава дама, не предизвикува со ладникави утра и ладникави вечери, и не освежува со краткотраен или пороен дожд.

Есента е доба на нови предизвици, ни топло ни ладно, ни таму, ни ваму, ни со тие, ни со оние, уште мислиме на море, а се спремаме за Нова година.

Без да знае или сака, ги спојува радоста и тагата во едно, сонцето и снегот, спомените и реалноста, час сте надвор, час сте внатре, еден момент сте на чист воздух, друг-на задимен воздух.

Есента е тука да ве потсети дека треба да се грижите за себе и за своето здравје, а потоа дневната и ноќната динамика ќе добијат полесен тек и сите околу вас ќе бидат задоволни.

Ја отвараме сезоната на потопол амбиент, без прегратки и со муабети од дистанца, на позитивни мисли, иако можеби не чека нов есенски бран на коронавирус.

Есента ја компонира и најубавата музичка и животна симфонија само ако имате слух, желба, надеж, ако го гледате светот со широко отворени очи, без суфлери како на претстава, ако сакате за миг да подзастанете, да размислите, да земете здив за новите победи и порази, очекувања и разочарувања што ве чекаат на патот послан со есенски лисја.

На крајот, есента ве потчукнува по рамото, и како невидлив ангел ви вели дека во животот има и нешто убаво, надежно, а не само сеир и малограѓанштина.

Нешто како ѓердан од бисер наследен од мајка ви меѓу десете парчиња бижутерија со која одамна ја полните кутијата со накит.

Од дворовите ќе почне да се шири мирисот од печени пиперки и ајвар, а од кујните- мирисот на есенските плодови.

Златната дама ви го буди гурманот или вегетаријанецот во вас. Изборот е ваш!