Томоко Акане за санкциите: Ова би можело да биде крај на меѓународното владеење на правото


Хаг – Претседателката на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Томоко Акане, денеска предупреди за „крај на меѓународното владеење на правото“ откако САД воведоа санкции врз неа.

Вашингтон постојано го обвинува МКС за „политизирани дејствија“ и „насочување кон Израел“ откако судот издаде налог за апсење на премиерот Бенјамин Нетанјаху во врска со војната во Газа.

„Санкциите против мене овојпат се нешто што донекаде го очекував, па затоа не ме изненадува. Важно е да не дозволиме ова да биде почеток на падот на меѓународното владеење на правото“, рече Акане, а нејзиниот издавач Бунгеи Шунју објави на социјалната мрежа „X“.

 Мерките и забрануваат на Акане влез во СAД и извршување трансакции во американскиот финансиски систем.

Изјавата на Акане – нејзините први јавни коментари по санкциите – доаѓа откако МКС во средата ги нарече мерките на САД „флагрантен напад“ врз независноста на судот.

Шефот за човекови права на ОН, Волкер Турк, и високи претставници на ЕУ ја дадоа својата поддршка за Акане и нејзината институција.

Јапонија, исто така, се спротивстави на санкциите врз Акане, а Министерството за надворешни работи изјави дека „доследно го поддржува МКС… во неговите напори да ги гони и казни најсериозните злосторства што ја загрижуваат меѓународната заедница и да го почитува владеењето на правото“.

Јапонија е најголемиот финансиер на МКС и близок сојузник на САД.

Основан во 2002 година, МКС ги гони лицата обвинети за најтешките злосторства и дејствува како последно средство кога земјите немаат соодветни правни системи за да обезбедат одговорност.