Том Круз доби почесно Членство на Британскиот филмски институт


Лондон – Том Круз синоќа во Лондон гo доби почесното Членство на Британскиот филмски институт – БФИ.  Во пресрет на официјалното доделување на признанието, тој говореше за својата кариера, па призна дека еден или повеќе мјузикли му се на неговата листа со желби.

– Драма, акција, авантура… Нема крај. Моите цели се бесконечни!, додаде американскиот глумец.

Специјалната награда глумецот ќе ја добие оваа недела. Во разговорот, тој се осврна на неколку клучни моменти во неговата кариера, како што е и серијалот филмови „Невозможна мисија“ (Mission: Impossible).

– Мислев дека би било интересно – ТВ-серија од Студената војна да се претвори во акционен филм. Сакав акција и неизвесност. Тоа беше размислувањето за „Мисијата“ и прашањето „Што можеме да правиме со таа акција?“ …Снимавме во Дубаи – повеќето акциони сцени, освен онаа во гаражата… И јас стојам таму и размислувам: „Не знам зошто висам од Бурџ Калифа”. Потоа си велам: „Подоцна за тоа, проблеми за некој друг ден!“, раскажува Круз.

Актерот навести дека ќе има и трет дел од „Топ ган“.

– Веднаш зборуваа за продолженија, се потсети Круз на снимањето на филмот од 1986 година. – И всушност дел од она со што завршивме беше раната идеја што ја имавме… Беше неверојатно да се работи на тоа. Студиото сакаше да го играм „Топ ган“ одново и одново. Како млад уметник, сакав да го развивам мојот талент во различни области, да разберам повеќе и да се предизвикувам себеси, изјави глумецот.

За снимањето со режисерот Тони Скот и Вал Килмер, тој додаде дека тоа било извонредно искуство.

– И Вал ни се придружи… Се сеќавам дека буквално го молевме да ја прифати улогата. И Ентони Едвардс и Кели Мекгилис, сите дојдоа во тимот. Беше многу, многу посебно!, нагласи Круз.

Говореше и за промените во Холивуд, постојаната желба „да остави впечаток кај публиката“ и како неговата сестра му помогнала да ја добие улогата во „Дождовниот човек“, по случајната средба со Дастин Хофман во ресторан во 1984 година.

– Сестра ми вели: „Тоа е Дастин Хофман“. Погледнувам и тој носи капа, ја завршил „Смртта на продавачот“, а таа настојува: „Оди поздрави го“. Одбивам, но таа е упорна. Конечно ја послушав. Му реков: „Извинете, господине Хофман…“ А тој: „Круз!…“, раскажува наградуваниот актер.

Хофман ги поканил да му се придружат, па се разделиле со зборовите на Хофман: „Сакам да снимам филм со Вас“, кон Круз. Така настанал нивниот заеднички оскаровски филм од 1987 година.