„Тојота“ и „Фолксваген“ се повлекоа од Русија без опција за повторен откуп на активите
Јапонскиот и германскиот производител на автомобили „Тојота“ и „Фолксваген“ ги префрлија своите активи во Русија без можност да ги откупат.
– Трансакцијата за трансфер на активите на „Тојота“, како и онаа со „Фолксваген“, не вклучува опција за повторен откуп на производствените локации, изјави за руски медиуми рускиот вицепремиер Денис Мантуров.
Претставници на руските власти и менаџментот на јапонската компанија во март соопштија дека јапонскиот производител на автомобили ја префрлил сопственоста на фабриката, опремата и земјиштето во Санкт Петербург на руската државна НАМИ, не откривајќи детали за договорот.
НАМИ, рускиот централен институт за истражување и развој на автомобили и мотори, веќе купи погони од „Рено“ и „Нисан“.
„Фолксваген“ во мај, без да даде дополнителни детали, соопшти дека ја завршил продажбата на фабриката во Каљуга во Русија и нејзините локални подружници на руската групација за трговија со автомобили „Авилон“ и финансиски инвеститор.