Тој изгуби сѐ за што работел 40 години во пожарот во светиниколско Немањици

Трла за 400 овци, амбар, бали, живина е данокот кој овој сточар од светиниколско го плати поради пожарите што избувнаа во тој крај деновиве


Тони Нанев и синот покрај пеплосаниот имот (Фото: Б. Грданоски)

 

Пожарот што со денови беснее во Светиниколскиот крај уништи сѐ за што во последните 40 години работел 52-годишниот Тони Нанев од Немањици. Сега тој со неверување гледа во побелениот од пепел имот, каде чувал овци и живина.

Угината живина по пожарот во светиниколско Немањици (Фото: Б. Грданоски)

До него стои неговиот син и се прашува како ќе успеат да ја вратат убавината на нивниот имот, повторно да раззелени, да се чуе блеењето на овците и кокодакањето на кокошките.

Тони Нанев, немањчанецот што изгуби сѐ од пожарот во светиниколско (Фото: Б. Грданоски)

Околу нив неподвижно лежат црвеникави кокошки, како да заспале, а се одјавиле од овој свет. Нивните пердуви прелеваат на летното сонце, но никогаш повеќе нема да снесат јајце.

Овој сточар од Светиниколско имал трла за 400 овци, но пламените јазици ги пеплосаа, а со нив и куќичката во која не живееле, но се прибирале по мачната работа. Огнот му го зел и амбарот со 3.000 бали луцерка и сено.

 

„Сѐ за што работев 40 години, сѐ ми отиде. Овците успеавме да ги спасиме, но живината угина“, со немоќ во гласот раскажува Нанев.

„Огнот дојде наеднаш од северозапад… одеднаш се појави и зафати сѐ. Едвај успеавме да ги извадиме овците“, сведочи Нанев, неколку дена откако огнот се излизга по светиниколските села, а уште е активен во близина кај селата Горно и Долно Ѓуранци, Строиманци и Ранченци.

 

Свињите кои ги имал се разбегале по планините и не знае дали ќе ги најде.

Нанев раскажува дека штети имаат и сите негови соседи.

„Ете, на тој до мене му изгореа штали, објекти и новиот трактор“, вели Нанев.

 

Тој и неговите соседи се беспомошни. Засега не знаат каде да ја пријават штетата и што треба да преземат за да почнат да го враќаат ликот на своите имоти. Се надеваат дека од општината наскоро ќе ги известат каде да поднесат барања за помош. Дотогаш останува да чепкаат низ пепелта, која е единственото нешто што остана по 40 години работа.

Влезот во имотот на Тони Нанев (Фото: Б. Грданоски)

Камбаните од манастирот Св.Недела во село Ранченци деноноќно бијат и ги предупредуваат жителите за опасноста од пожарите

Мир немаа ни мртвите во селото Немањици, а фотографиите на нашиот фоторепортер Борис Грданоски сведочат дека огнот поминал и низ гробиштата, па таму се белеат само надргобните споменици и крстови.

Пожарот се гаси и од воздух, а над чадот лета српски хеликоптер кој дојде на помош по активирањето на Механизмот за помош од ЕУ. Тој полни вода со ведро од вештачкото езеро Мавровица, кое се наоѓа северно од градот Свети Николе, а јужно од селото Орел и влегува во атарските граници на селото Немањици. Вообичаено, ова езеро се користи за наводнување на земјоделските површни, но деновиве служи за да ги изгаси и да ги врати во живот.

 

Во овој крај, од почетокот на пожарите, според првичните проценки на градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев, изгореа околу 40 куќи, од кои поголем дел се стари, но и нови, кои се живеалишта на жителите во селата Малино, Немањици и Орел.

 

Во гасењето учествуваа пожарникарите од Свети Николе, Велес, Штип, Неготино, Кавадарци, АРМ, хеликоптери и многу доброволци кои несебично цели денови гасат пожари. На помош дојдоа и членови на навивачката група „Комити“ од Скопје, а се организираа и бројни акции за достава на вода и храна.