„Тоа кај тебе дома“: Мицкоски го нападна амбасадорот на Словачка

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е посебно разочаран од ставовите на амбасадорите кои не се дел од „природните членки на ЕУ“


 

На претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не му се допадна изјавата на амбасадорот на Словачка во земјава дека „животот не е фер, а Македонија нема друга алтернатива од тоа да се направи она што треба“.

Христијан Мицкоски му порача на амбасадорот Хенрик Маркуш:

„Тоа дома. Мене не можеш…“

Во гостувањето во емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа Мицкоски рече дека „бирократите во Брисел не се фер, не биле фер и не очекувам да бидат фер“.

Според него, тоа им го кажувале дел од амбасадорите. Тој бил особено разочаран од амбасадорите кои не се дел, од како што рече, „природните членки на ЕУ, туку беа дел од источниот блок и станаа дел од ЕУ. Како што имаше сега изјава на амбасадорот на Словачка“.

Амбасадорот Маркуш во неделата при посетата на Делчево изјави дека „сега е последниот воз што Македонија мора да го искористи, бидејќи друга алтернатива за останување на европските патеки не постои“. Тој објасни дека тоа го кажале тројцата министри (на Австрија, Чешка и Словачка) од таканаречениот Славков формат на нивните средби во Скопје. Според Маркуш, земјава може да биде доведена во ситуација да застане на патот, а Албанија да продолжи напред. Осврнувајќи се на ставовите на опозицијата, Маркуш нагласи дека сега е доцна за она што го зборува опозицијата и дека таа не нуди алтернатива или решение.  

Мицкоски побара од словачкиот амбасадор повеќе почит. „Ако јас веќе две години континирано правам отстапки во име на ЕУ најмалку што сум заслужил сега е да ме почитуваш. Јас не барам повеќе од тоа што ти си го имал. Тоа што го имала Словачка. Истите услови што ги имала Словачка ги барам јас како држава, како народ“.

Тој уште додаде дека „кога во 21. век зборувате за идентитетските прашања нема рацио, има емоција. Јас не очекувам тие да ја разберат мојата емоција“.

Иако Словачка влезе заедно со Чешка во ЕУ во големото проширување на ЕУ во 2004, нејзиниот пат кон членството беше покомплициран од нејзиниот сосед од заедничката федерација. За време на владеењето на автократскиот режим на Владимир Мечијар од независноста до 1998 Европската унија ги замрзна преговорите со Братислава поради неисполнувањето на Копенхашките критериуми, невладеењето на правото и кршењето на човековите права. Кога Мечијар беше соборен од власта во 1998 од здружената опозиција Словачка застана на супербрзиот пат кон ЕУ.

Вистинските преговори на Словачка со ЕУ започнаа во март 2000 и тие беа завршени експресно брзо – за три години. Во март 2004 Словачка стана членка на НАТО, а на 1 мај и членка на ЕУ. Таа е членка и на организацијата на економски најразвиените нации – ОЕЦД. Дел е од шенген зоната, а еврото е нејзина валута. Таа стана европски и светски гигант во производството на автомобили – сега таму годишно се произведуваат 1,2 милиони автомобили во фабриките на најголемите и најпризнатите светски компании. (Н.В.)