„Тоа е занаетот. Нема лажење. Гледај ги, сакај ги луѓето“: Комеморација за актерката Снежана Стамеска


Фото: Б. Грданоски

Достоинствена комеморација се одржа денес во Драмски театар, во чест на првенката и една од ведетите на македонското глумиште, Снежана Стамеска која почина на 8 септември, на 79 години. Актерката која повеќе од три децении глумеше во едни од најзначајните претстави, телевизиски и филмски улоги, кај нас и во регионот, денес, во преполната сала на матичниот театар Драмски беше испратена со долготраен, неколкуминутен аплауз од најблиските-семејството, пријателите, колегите и медиумите  кои стоеја во достоинствен молк.

Фото: Б. Грданоски

„На прашањето  -што го прави еден актер, вистински актер? – Снежана Стамеска ќе одговори:

Тоа што го прави човек: да се оправдаш себе пред себе, а после и пред другите, своите желби, мисли, постапки. Само така ќе излезеш пред сите оние кои различно мислат и сите ќе ги лапнеш. Тоа е занаетот. Нема лажење. Гледај ги, сакај ги луѓето. Има многу чудни приказни на лицата. Сочувај ги во некоја фиока, еден ден ќе ти се најдат.

А ти наша Снешке ќе останеш длабоко во нашата меморија…, рече денес на сцената, директорот на Драмски, Роберт Велјановски. 

Фото: Б. Грданоски

Стамеска дипломирала на Театарската академија во Белград во 1970. Од нејзиното вработување во 1971 до пензионирањето во 2010 Стамеска беше член на ансамблот на Драмски театар Скопје.

Низ исклучително плодната актерска кариера одиграла преку седумдесет улоги во матичниот театар и на сцените на неколку други македонски театарски куќи. Таа реализираше многу значајни телевизиски и филмски улоги.
 
Фото: Б. Грданоски

Низ исклучително плодната актерска кариера одиграла преку седумдесет улоги во матичниот театар и на сцените на неколку други македонски театарски куќи. Таа реализираше многу значајни телевизиски и филмски улоги. Исклучителната популарност Стамеска ја стекна во 1980-тите и 1990-тите години кога публиката ја засака во улогите на Пандора во „Солунски патрдии“ (1979), Вера во „Диво месо“ (1979), Сина во телевизиската серија „Трст виа Скопје“ (1987), Вера во „Среќна Нова ’49“(1985), и Паца во „Викенд на мртовци“ (1985).

Министерот Љутков на комеморацијата во Драмски/ Фото: Б. Грданоски

Во својата повеќедецениска кариера ги доби наградите: Златен ловоров венец за најдобро актерско остварување на Фестивалот Мали и експериментални сцени (МЕСС) за улогата на Лица во претставата„ Ослободување на Скопје“ (Сараево, 1979); Награда за актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за улогата на Вера во претставата „Среќна Нова ’49“ (Прилеп, 1985); Награда за најдобро актерско остварување на ревијата „Екран“ за улогата на Зоја во претставата „Зојкиниот стан“ (1987); Награда на Фестивалот Стериино позорје за најдобро актерско остварување за улогата на Мица во претставата „Сили во воздухот“ (Нови Сад, 1989); Награда за најдобро актерско остварување на ревијата „Екран“ за улогата на Ана Петровна Војницева во претставата „Платонов“ (2000); Награда „11 Октомври“ (Скопје, 2002); Награда „Климент Охридски“ (Скопје, 2005).
 
Последно збогум на Борис Чоревски за колешката и пријателка/ Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Драган Спасов-Дац/ Фото: Б. Грданоски