Тимотеј: Половина од буџетот на МПЦ ни е од Велигден


Митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, владиката Тимотеј, вели дека половина од приходите на црквите и на манастирите на МПЦ се од Велигден и дека  тие сериозно се погодени од кризата. Сепак, тој најави дека за празникот ќе опстојат на одлуката да се почитуваат мерките  за справување со епидемијата од корона вирусот и нема да организираат масовни литургии, туку само во најтесен  круг.

„Ние препорачуваме за Велигден најтесен круг  луѓе, но доколку некој не сака да го почитува тоа, ние нема да изигруваме полицајци и да бркаме некого од црквите. Црквите ќе бидат отворени за тесен круг луѓе, а во 12 часот, и да сака народот да дојде, ќе се соочи со прекршување на полицискиот час. Тоа е ред и поредок што го наметнува државата, не го наметнуваме ние. Ние само ги почитуваме препораките на стручните луѓе за заштита од епидемијата на сите и нас самите“, вели владиката Тимотеј за „Независен“.

Според него, црквите ќе бидат отворени во четврток и во петок додека не почне полицискиот час, а потоа ќе бидат затворени.

„За кого да бидат отворени? Ангелите немаат нозе и тело за да дојдат, тие се духови“, вели Тимотеј, додавајќи дека и да сакаат, додека трае полицискиот час не можат да ги отворат црквите.

Тој сепак не ја исклучи можноста некои цркви, кои имаат такви можности, да ги снимаат и пренесуваат литургиите, меѓудругото и преку локалните медиуми, но според него МПЦ не е организирана до таа димензија за да може да го прави тоа насекаде.

Околу тоа дали и МПЦ бара финансиска поддршка од државата, како што најави денес, па и се закани ако не добие реисот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, отец Тимотеј вели дека за тоа сѐ уште не се разговарало ни во Светиот архиерејски синод, ни со Владата, но тоа не се исклучува.

„Ќе видиме дали има можности за тоа и какви се. И свештениците се оштетени, а Велигден е, празник над празниците, не можат  тие да останат со празни трпези“, вели Тимотеј.

Запрашан врз која основа ќе бара помош кога МПЦ не плаќа даноци кон државата, Тимотеј одговори дека тоа не е точно, бидејќи МПЦ за сѐ што купува или гради плаќа данок, а за тоа не добива поврат како другите.

Ианку, во последното соопштение поврзано со кризата околу корона вирусот МПЦ упати апел да се почитуваат мерките пропишани од страна на Министерството за здравство и од Светската здравствена организација.

„Апелираме во парохиските храмови и во манастирите на МПЦ–ОА во кои има редовни посети и континуиран богослужбен живот, да се зголеми досегашното редовно одржување на хигиената. Повикуваме на сострадална љубов и изразување добродетелност на сите оние кои ќе се најдат во борба со оваа болест, најпрво молитвено застапувајќи се пред Бога за нивното здравје и покажувајќи секаква друга можна грижа“, порача МПЦ-ОА.

Како ќе реагираат на овие пораки граѓаните е друго прашање. Неодамна т.н. Тврдокорни порачаа дека не доаѓа во предвид да биде спречено служењето пред Бог и дека нивниот одговор ќе биде бескомпромисен.

-Постојат и полоши работи од корона вирусот. Да не се надеваат безбожниците дека начекале прилика за да ја замолчат Црквата. Држете се до вашите убедувања, не ни ги чепкајте нашите. Како што рече еден православен Владика ако се отворени и работат фабриките, ако работи градскиот превоз тогаш со истите мерки ќе делуваат и православните храмови. Нам православните верници литургијата ни е неопходна за живот. Потребна ни е и материјална и духовна храна.Никој да не се осмелил да превземе било каква казнена мерка према православен свештеник кој служи почитувајќи ги безбедносните мерки, порачаа тие со соопштение.

Грчката црква исто така соопшти дека ќе држи литургии зад затворени врати за време на Велигденската недела и ја повика јавноста да ги почитува мерките за борба против коронавирусот, да останат дома и да се молат повеќе.